СПРЕМЕН СУМ ДА ПЛАТАМ КАЗНА, АМА НЕМА ДА ЈА СПРОВЕДАМ ОДЛУКАТА НА РЕГУЛАТОРНА ДА ПОСКАПИ ВОДАТА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    СПРЕМЕН СУМ ДА ПЛАТАМ КАЗНА, АМА НЕМА ДА ЈА СПРОВЕДАМ ОДЛУКАТА НА РЕГУЛАТОРНА ДА ПОСКАПИ ВОДАТА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ„Нема да се однесуваме расипнички кон средствата на ЈП‘Водовод и канализација‘. Влеговте во зградата и знаете на што мислам, килими од 10 сантиметри на граѓаните не им се потребни туку здрава вода за пиење и систем за прочистување“, рече Шилегов на денешната прес конференција за 100 дена од неговиот градоначалнички мандат.(Фото:Град Скопје)

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов нема да ја почитува одлуката на Регулаторната комисија за зголемување на цената на сметките за вода, и вели ако треба ќе плати и парична казна. Казната која Градот би требало да ја плати ако не ја почитува одлуката на Регулаторна е 6.000 евра.

    „Јас сум спремен да ја платам паричната казна, а да не ја спроведам одлуката на Регулаторна комисија. Водата во Скопје да не поскапи, тоа е она што мене ме интересира како градоначалник за моите сограѓани. Ако го рационализирате работењето на ЈП ‘Водовод и канализација‘ ќе ги обезбедите средствата за одржување на пречистителни станици, за што се потребни 100 милиони денари годишно. Нема да се однесуваме расипнички кон средствата на тоа претпријатие. Влеговте во зградата и знаете на што мислам, килими од 10 сантиметри на граѓаните не им се потребни, туку здрава вода за пиење и систем за прочистување“, рече Шилегов на денешната прес-конференција за 100 дена од неговиот градоначалнички мандат.

    Шилегов на 31 јануари на Седницата на Советот на Град Скопје ги повлече точките со кои требаше да се воведе нова давачка за одржување на пречистителни станици и рече дека оваа одлука на Регулаторната комисија е политикантска од партизирана институција од минатата власт, и додека е тој градоначалник нема да дозволи граѓаните да плаќаат поскапа вода.

    По ова, реагираа од Регулаторната комисија и рекоа дека ваквите изјави се базирани на недоволна упатеност во законските обврски и се штетни за целиот реформски процес.

    „Потенцираме дека сите пресметки на тарифите се во согласност со законската и подзаконската регулатива која и понатаму професионално и доследно ќе биде применувана од наша страна. Професионалноста во донесувањето на решенијата од страна на Регулаторната комисија за енергетика може лесно да се провери доколку за тоа се има желба и интерес. Доколку претпријатието смета дека со ефикасно работење ќе може да ги намали оперативните трошоци кои се презентирани во барањето до Регулаторната комисија за енергетика, може да подготви промена на барањето и да го достави на увид и одобрување од наша страна“, рекоа од Регулаторна комисија.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира