Пожарот кој утрово изби во близина на салата „Борис Трајковски“ е запален шут и отпад. Депонијата е зад делот кој што лани гореше, покрај кејот на реката Вардар и беше исчистен од Општина Карпош и Град Скопје за да се прави парк.
Но, повторно во овој дел се создаваат нови диви депонии, а градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев вели дека не може да се излезе на крај со граѓаните.
„Влезот во близина на аква паркот од каде влегуваа камиони го затворивме откако ја исчистивме депонијата, но сега си направиле друг пат и од таму влегуваат и прават депонии. Сто пати чистевме, стававме препреки, но џабе, пак се прават депонии. Депонии се прават и во Карпош 4, во делот кој го расчистува и рамни земјиштето за новиот парк“, вели градоначалникот Богоев.
Богоев вели дека инспекторите од Општината постојано биле на терен, но граѓани истураат камиони со шут и во 5 часот наутро во недела.
Пожар на големата депонија долж кејот на реката Вардар изби и лани во април. По пожарот Град Скопје и Општина Карпош започнаа со чистење на големата депонија, а беше најавено дека на тој потег на површина од 60.000 метри квадратни ќе се прави нов парк. Од Град Скопје велат дека се работи на паркот односно станува збор за голема површина, која во моментов се расчистува и се рамни земјиштето.
А. АНТЕВСКА