СТОЧАРИТЕ В СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ОТИ МИНИСТЕРОТ НИКОЛОВСКИ НЕ ИМ ОДГОВОРИ НА БАРАЊАТА

    СТОЧАРИТЕ В СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ОТИ МИНИСТЕРОТ НИКОЛОВСКИ НЕ ИМ ОДГОВОРИ НА БАРАЊАТА„Ни кажувате колку работите, а откупната цена откако дојдовте на власт изминатите две години е сè пониска, претходно беше 150 денари за килограм жива мера“, рекоа сточарите, што го налути министерот Љупчо Николовски, кој им рече „лажете, лажете“, по што сточарите ја напуштија салата, а Николовски ја прекина трибината (Фото: СДК.МК)

    Tрибината на Министерството за земјоделие во Велес беше прекината откако министерот Љупчо Николовски им кажа на сточарите од велешко дека лажат, по што тие ја напуштија салата. Бидејќи не добија одговори за нивните проблеми, сточарите најавија протест за среда со блокирање патишта.

    „Вие дојдовте да слушнете само тоа што вас ве интересира, не сакате да слушнете сè што имаме сработено, колку напори вложуваме да им помогнеме на земјоделците, кои се мерки ги преземаме“, рече Николовски.

    Сточарите претходно во неколку наврати прашаа дали Министерството ќе им помогне околу откупот кој годинава е незначителен и дали ќе ја субвенционира разликата помеѓу откупната цена 120-130 денари до производната 185, колку што пресметало Министерството за земјоделие.

    „Ние овде прашуваме, а одговор не добиваме. Ни кажувате колку работите, а откупната цена откако дојдовте на власт изминатите две години е сè пониска, претходно беше 150 денари за килограм жива мера“, рекоа сточарите.

    Ова го налути Министерот Николовски, кој им рече „лажете, лажете“, по што сточарите кои беа најголем број од присутните ја напуштија салата, а Николовски ја прекина трибината.

    Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци, кажа дека нема откуп оти нема интерес.

    „Грција е заситена и има домашно јагне, исто и Италија. Има вишок јагне во Франција, Романија… Прво треба да се направи попис на овците, не се знае колку овци има во државата“, рече Шаклев.

    Директорот на платежната агенција Николче Бабовски објасни дека Владата стапила во контакт со Израел, за можноста таму да се продаде живото јагне.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари