СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПАНИЧАТ ОТИ НЕМА ИЗВОЗ НА ЗЕЛКА ВО РУСИЈА

    СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПАНИЧАТ ОТИ НЕМА ИЗВОЗ НА ЗЕЛКА ВО РУСИЈАЛани во овој период од струмичко биле извезени околу 45 илјади тони зелка, но оваа година извозот е преполовен (Фото: СДК.МК)

    Закочи извозот на македонската зелка кон Русија што предизвика редуциран откуп и пад на откупната цена во струмичко. Речиси сите компании го намалија откупот, што предизвика нервоза и револт кај земјоделците кои преку своите здруженија го повикаа министерот за земјоделие Љупчо Николовски да интервенира за да не им скапува поризводството по нивите. Велат дека мора да се активираат дипломатските преставништва на Македонија во источноевропските држави за да не се загубат овие пазари.

    „Што работат нашите дипломатско-конзуларни преставништва во Русија, Украина, Молдавија? Треба да го промовираат нашето производство, да работат за наоѓање трговски партнери кои ќе купуваат зелка од Македонија. Израелците нон-стоп се во државава  и ги промовираат нивните производи, а ние тоа не го правиме“,  вели Петре Бонев од Бориево.

    „Цела Струмица чека на земјоделието, да не се правиме големи политичари. Треба да се седне со рускиот амбасадор и да се надмине овој проблем“, вели Ванчо Митев од Добрејци.

    Бидејќи нема откуп и пласман во источноевропските држави, трговците во струмичко нудат од 8 до 10 денари за килограм зелка. Не вршат секојдневно откуп, па земјоделците практично се  молат да им биде земено произведеното.

    Министерот за земјоделство Лупчо Николовски во Кавадарци рече дека притисокот од другите држави во Русија е голем и македонското производство во моментов не е многу конкурентно.

    „Јас сум претседател на македонско -руската владина комисија и ги правиме сите напори да го олесниме извозот на зелката. Во Москва разговаравме за олеснување на царинските давачки што ги има Македонија и работиме на отворање нови пласмани. Македонско-руската стопанска комора бара решение да се нормализира извозот на зелка“,  рече министерот Николовски.

    Освен во Русија, закочи извозот на зелка и кон останатите источноевропски држави, поради понудата на зеленчук од трети земји. Лани во овој период од струмичко биле извезени околу 45 илјади тони зелка, но оваа година извозот е преполовен.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира