СТРУМИЦА БАРА ПОЕВТИН ГАС СО НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ, ЗА ДА СЕ КОРИСТИ ПОВЕЌЕ

    СТРУМИЦА БАРА ПОЕВТИН ГАС СО НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ, ЗА ДА СЕ КОРИСТИ ПОВЕЌЕОпштина Струмица од Владата побара да се намали висината на ДДВ на гасот од 18 на 5 проценти, како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот во градот (Фото: СДК.МК)

    Општинските власти на Струмица до Владата поднеле барање за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на гасот од 18 на 5 проценти. Барањето е за да се намали цената на овој еколошки енергенс и за да може што повеќе правни и физички лица да се приклучат на гасоводната мрежа во Струмица. Овој предлог е дел од акциониот план на Општината за решавање на проблемот со аерозагадувањето, кое во декември и јануари покажа алармантни податоци со присуство на канцерогените ПМ10 честички во возудхот. За општинските власти едно од решенијата против аерозагаденоста е гасифицирање на сите домаќинства во Струмица и населените места.

    Струмица е гасифицирана седум години. На гас се греат околу 350 физички и правни лица, меѓу кои и локалните јавни институции. Државните не се приклучени на гасоводната мрежа и се греат на нафта (Фото: СДК.МК)

    „Ние направивме и акционен план. Дадовме конкретни предлози до Владата кои би требало овој енергенс да го направат поевтин за да може нашите граѓани да се приклучуваат. Предложивме ДДВ на гасот да се намали од 18 на 5 проценти и има расположение тоа да се направи. Потоа, да се субвенционираат горилници и приклучни елементи и, според мене, тоа е реалниот начин на кој треба овој проблем да се решава како и со проширувањето на мрежата за гасификација“, рече градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.

    Во Министерството за финансии потврдија дека добиле предлог од Општина Струмиза за намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, како мерка за намалување на аерозагаденоста во оваа Општина,но не конретизираа дали може струмичани да добијат поевтин гас со намалување на данокот.

    „Во Министерството за финансии се очекува анализа од надлежните институции за очекуваните резултати во поглед на намалување на аерозагадувањето со спроведување на мерката“, стои во одговорот од Министерството на нашето прашање кога граѓаните на Струмица ќе добијат поевтин гас.

    Струмичани сметаат дека цената на гасот не е ниска. Во моментов, таа е 41 денар за кубен метар. Цената на приклучокот на гасоводната мрежа во Струмица е 600 евра, при што Општината субвенционира 100 евра за секое домаќинство што ќе се приклучи.

    „Треба цената на гасот да се намали. Струмица е гасифицирана, но со гас се греат многу малку оти пресметката покажува дека дрвото и понатаму е најевтино. Освен намалување на цената на гасот, треба да се најде начин и да се даваат бесплатни приклучоци или приклучок по минимална цена на гасоводната мрежа“, сметаат струмичани.

    Струмица е гасифицирана седум години. На гас се греат околу 350 физички и правни лица, меѓу кои и локалните јавни институции. Државните не се приклучени на гасоводната мрежа и се греат на нафта. ЈП „Струмицаа гас“ за оваа година најави проширување на гасоводната мрежа за нови седум километри и пуштање на гасоводен крак до селото Дабиле.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира