СУДИЈАТА ЈОРДАН ВЕЛКОВСКИ НА ПЕТТИ ЈУНИ ЌЕ ЈА ИЗРЕЧЕ ПРЕСУДАТА ПРОТИВ ТРОЈЦАТА ОБВИНЕТИ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА

    СУДИЈАТА ЈОРДАН ВЕЛКОВСКИ НА ПЕТТИ ЈУНИ ЌЕ ЈА ИЗРЕЧЕ ПРЕСУДАТА ПРОТИВ ТРОЈЦАТА ОБВИНЕТИ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦАЗа одговорни за немање ПП-апарати ОЈО Тетово ги смета в. д. директорот на болницата Флорин Бесимии и финансискиот директор Артан Етеми, а за тоа дека роднини имало меѓу креветите на ковид-болните, лекарот Бобан Вучески. (Фото:СДК.МК)

    Со кажувањето на завршните зборови на Обвинителството и на одбраната, заврши главната расправа за пожарот во модуларната ковид-болница во Клиничката болница во Тетово. Поради обемноста на предметот судијата Јордан Велковски донесувањето на пресудата го закажа за 5 јуни.

    Обвинителството остана на обвинението дека тројцата обвинети и Клиничката болница во Тетово како правно лице, ги сториле наведените кривични дела. Поранешниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми се обвинети за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“, докторот Бобан Вучески е обвинет за кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, додека за кривичните дела: “Предизвикување општа опасност“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ е обвинета Клиничката болница во Тетово како правно лице.

    Обвинителството во завршниот збор наведе дека при изградбата на модуларната болница биле запазени сите стандарди, дека материјалите исто така биле според стандардите. Од обезбедените докази и од изјавите на дел од распрашаните сведоци Обвинителството заклучило дека во просториите на модуларната болница немало противпожарни апарати. За одговорни за немањето ПП-апарати ги смета в. д. директорот на болницата Флорин Бесими и финансискиот директор Артан Етеми. Додека за докторот Бобан Вучески, обвинителството констатирало дека тој како одговорно лице за модуларната болница, не постапил според прописите за присуство на неовластени лица во просториите на модуларната болница.

    Поради ова, Обвинителството побара сите тројца заедно со Клиничката болница како правно лице да бидат прогласени за виновни.

    Наспроти ова, одбраната на обвинетите смета дека Обвинителството не успеало да ја докаже вината и побара ослободителна пресуда. Адвокатите на обвинетите посочија неколку изјави на сведоци кои беа сослушани во текот на судската постапка, кои потврдиле дека во модуларната болница биле запазени протоколите за присуство на надворешни лица, дека имало јавно истакната наредба за забрана на посета на надворешни лица во ковид болницата.

    Одбраната исто така посочи, дена во модуларната болница имало противпожарни апарати во некои простории. Тоа го тврделе сведоци. Во завршните зборови на одбраната беше речено и тоа дека Клиничката болница и директорите Бесими и Етеми, како одговорни лица, не го добиле договорот за Заем од Светска банка, а со него и Планот за зачувување на животната и социјалната средина за да се запознаат со нивните обврски, а посочија и на податокот дека тие немале обврска да поставуваат противпожарни апарати во болницата.

    Обвинетите Флорин Бесими, Артан Етеми, д-р Бобан Вучески и претставникот на Клиничката болница Тетово, се согласија со изјавите кои ги дадоа нивните бранители.

    Завршен збор дадоа и застапниците на лицата кои загинаа или беа повредени во катастрофалниот пожар во модуларната болница, кои се согласија со завршниот збор на Обвинителството.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира