ТАЛЕСКИ НЕ ГО ПЛАТИЛ НАРАЧАНИОТ СПОМЕНИК НА ВОЈВОДАТА ТУРУНЏЕВ ОД 48.000 ЕВРА

    ТАЛЕСКИ НЕ ГО ПЛАТИЛ НАРАЧАНИОТ СПОМЕНИК НА ВОЈВОДАТА ТУРУНЏЕВ ОД 48.000 ЕВРАСпоменикот, чиј автор е Ѓорги Димовски, пристигна во Битола пред локалните избори иако одлуката за негово поставување беше донесена во Советот пред пет години, а стои во дворот на Општината. Новата општинска власт треба сега да плати 48.000 евра по договор склучен од Талески и претходната власт (Фото: СДК.МК)

    Претходната локална власт од Битола на чело со ВМРО-ДПМНЕ, го нарача споменикот на војводата Александар Турунџев, но не го плати. Сега со ребаланс на буџетот новата локална власт предводена од СДСМ треба да издвои 48.000 евра за да ги плати споменикот кој веќе извесно време се чува во општинскиот двор, и постаментот.  Споменикот пристигна во Битола пред локалните избори, иако одлуката за негово поставување беше донесена во Советот пред пет години.

    „Уште една ставка која има зголемување се однесува на споменикот за Турунџев, кој беше нарачан од некого претходно, но авторските парава не се исплатени, изработката на постаментот не е исплатена. Заради избегнување нови тужби кои би го оптовариле општинскиот буџет, мора да се исплатат, па и оваа сума ќе влезе во ребалансот на буџетот“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Претседателот на Советот Валентин Груевски изјави дека се работи за 48.000 евра по договор склучен од Талески и претходната власт, кој треба сега да го платат новите општински власти.

    Талески пак, пред локалните избори изјави дека споменикот чини околу 25.000 евра.

    „Она што го најавив, практично и се реализира. Го имаме во дворот на Општината споменикот. Целата постапка се заврши многу одамна. Ѓорги Димовски е автор на идејното решение. Споменикот е изработен во Ливницата во Скопје. Мислам дека е одличен резултатот, заедно направивме нешто што ќе биде трајна вредност“, рече Талески пред заминување од локалната власт.

    Иако споменикот не беше платен, претходната локална власт сакаше пред ибори да го постави на кружен тек кој планираше да го гради кај Ветеринарната станица во Битола. За тоа требаше да биде исечен парк со дрвја стари по 35 години. Но, жителите се спротивствија, па Општината ја запре постапката, а Талески во писмено соопштение до медиумите напиша: „не навлегувајќи во мотивите на организаторот, во овој период на политички мотивации, проектот ќе биде подложен на дополнителна ревизија“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира