ТЕТОВЧАНИ ОД КОЛТУК ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ОТИ 4 ДЕНА НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ТЕТОВЧАНИ ОД КОЛТУК ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ОТИ 4 ДЕНА НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕЖителите на населбата Колтук главната вина ја префрлаат кон градоначалничката Теута Арифи, велат дека таа воопшто не се интересира за нивната тешка состојба. (Фото: СДК.МК)

    По четири дена без капка вода за пиење, попушти трепението на жителите на тетовската населба Колтук и прерасна во отворен протест и блокада на патот кој минува низ нивната населба. Пукната водоводна цевка ги остави жителите на оваа населба во највисокиот дел од градот без вода за пиење и за хигиенски потреби. Секој ден тие одат и по неколку стотини метри да полнат вода од јавните градски чешми. Се одлучиле за блокада на патот, бидејќи се гневни и кон градоначалничката на Тетово Теута Арифи која ја сметаат за виновна за ваквата нивна состојба.

    „Ни бараат редовно да ги плаќаме сметките за вода, а вода немаме. Па дури и извршители ни праќаат за старите сметки. Ова не е првпат да немаме вода, туку ова е постојана состојба во овој дел од градот. Сега четири дена немаме ниту капка вода, а со деца сме, епидемија владее, каква хигиена да одржуваме без вода?“ се прашува Ефка Пауновска, жителка на Колтук.

    Жителите на оваа населба главната вина ја префрлаат кон градоначалничката Арифи. Велат дека таа воопшто не се интересира за нивната тешка состојба.

    „Нека остане градоначалничката неколку дена без вода, па да види како е. Ваквата состојба со водата за пиење е со години. Само кажуваат дека имало овде дефект, онде дефект, па дали ние овде во Колтук сме во дефект или градоначалничката е во дефект? Ако не се среди ова ниту едно возило нема да помине низ Колтук“, револтирано рече Виолета Малинова, жителка на оваа населба.

    Уште пожестоко регира Ѓурадие Рамадани.

    „Да ѝ кажете на Теута дека више нема да гласаме за неа, не ја сакаме. Ми отпаднаа рацете секој ден носејќи вода дури од долу. Така да и кажете“, вели Ѓурадие поддржана од сите жители на населбата Колтук.

    Жителите на Колтук се исто така ревотирани од односот на јавното комунално претпријатие „Тетово“ кое бара редовно подмирување на сметките, иако оваа населба постојано ја мачат проблеми со недостаток од вода за пиење.

    „Нека не праќаат извршители и тужби. На која основа да им плаќам ако немам вода? Цело семејство носиме вода дури од Горна Чаршија, зарем не ли е ова срамота на денешно време?“, се прашува Светлана Јовановиќ.

    Жителите на Колтук бараат од Општината да се направи нова водоводна мрежа за стариот дел од градот, да се обноват улиците и редовно да се чистат и мијат, редовно да се подигнува сметот. Бараат и средба со градоначалничката Арифи, најавуваат дека протестите ќе продолжат додека не се исполнат овие барања.

    Од „Тетово“ велат дека работат на отстранување на дефектот на водоводната цевка која оди преку реката Пена.

    „Водоводната цевка која преминува преку реката Пена е спуштена под нивото. Вчера направивме напори да се најде дефектот. Не можеме навечер да работиме бидејќи поради надојдената река постои опасност некој да падне во неа. Денес ќе се обидеме да најдеме некое времено решение“, вели Љуљзим Шаќири од одделот Водовод и канализација при ЈКП „Тетово“.

    Населбите, Колтук, Два Бреста и Печина, кои се наоѓаат во највисокиот дел од градот, постојано имаат проблем со недостаток од вода за пиење поради дотраената водоводна мрежа и слабиот притисок на водата.

    З. АНДОНОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира