ТЕТОВО НА 20 АВГУСТ ОДИ НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, ВО МЕЃУВРЕМЕ СЕ УТВРДУВА КОЈ ЗГРЕШИЛ ПОРАДИ ШТО СЕ РАСПУШТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА

    ТЕТОВО НА 20 АВГУСТ ОДИ НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, ВО МЕЃУВРЕМЕ СЕ УТВРДУВА КОЈ ЗГРЕШИЛ ПОРАДИ ШТО СЕ РАСПУШТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТАСоветот на Општина Тетово се распушти оти не успеа на време да ја усвои Завршната сметка за 2021. (Фото: СДК.МК)

    Само по 8 месеци од завршувањето на локалните избори во Општина Тетово, повторно ќе има избори. Советот на Општина Тетово не успеа на време да ја донесе и усвои општинската Завршна сметка за работењето за 2021 година па, според Законот за локална самоуправа, Владата одлучи Советот на Општина Тетово да се распушти и да се оди на нови избори, а претседателот на Собранието Талат Џафери изборите ги распиша за 20 август.

    Од ДУИ, која е најголема опозициона партија во Советот, вината за ваквата состојба ја насочуваат кон раководството на Општината.

    „Со ова го нарушуваат угледот на самата Општина како институција, како и угледот на Советот на Општината. Ова е штетна одлука во ситуација кога имаме економска криза па како дополнителен товар на народот ќе биде да се издвојат пари за организирање избори“, изјави Блерим Османи од ДУИ.

    Од Движењето „Подобро за Тетово“ како виновник за ваквата состојба во која се најде Општината директно го посочуваат градоначалникот Билал Касами.

    „За ваквата состојба во која се најде Општина Тетово виновен е градоначалникот. Ако тој не ја доставил Завршната сметка до Советот или ако Советот не ја усвоил, зошто тогаш се казнува Советот, а не градоначалникот? Ние сметаме дека Касами не ја подготвил Завршната сметка како што треба, ги нема поделено трошоците што ги направила поранешната градоначалничка Теута Арифи за 9-те месеци од 2021 година и трошоците за 3 месеци што тој ги направил за да видиме каде тој ги потрошил парите. На ваков начин тој ја амнестира Теута Арифи“, изјави Хамди Сулејмани од „Подобро за Тетово“.

    Бесар Дурмиши од Движењето БЕСА, кој беше претседавач на Советот до неговото распуштање, вели дека не треба одговорноста да се бара во раководството на Општината, бидејќи грешката била направена од лица од општинската администрација.

    „Поради доцнење на општинската администрација што резултираше на неусвојување на Завршната сметка, градоначалникот заедно со секретарот на Општината и Секторот за човечки ресурси ја утврдува одговорноста за лица од општинската администрација. Согласно Законот, ќе се види кои ќе бидат реперкусиите и какви одлуки ќе се преземат против тие административци кои не ја завршиле работата така како треба“, изјави Бесар Дурмиши, досегашен претседавач на Советот на Општина Тетово.

    Дурмиши вели дека во периодот до избор на нов Совет на Општината ингеренциите на градоначалникот се ограничени и тој ќе има само некои кои се од технички карактер за да се спречи блокирањето на работата на Општината.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира