ТЕТОВЦИ ЗАПАЛИЈА СМЕТ ПРЕД ВЛЕЗОТ ВО ОПШТИНАТА, АРИФИ ВЕЛИ И ПРОТЕСТОТ И ПАЛЕЊЕТО НА ДЕПОНИЈАТА СЕ ПОЛИТИЧКИ

ТЕТОВЦИ ЗАПАЛИЈА СМЕТ ПРЕД ВЛЕЗОТ ВО ОПШТИНАТА, АРИФИ ВЕЛИ И ПРОТЕСТОТ И ПАЛЕЊЕТО НА ДЕПОНИЈАТА СЕ ПОЛИТИЧКИЗошто 13 години не се решава ова прашање, зошто и нашите деца а и децата на советниците во општината и на претседателот на Советот и на градоначалничката Арифи вчера го дишеле овој воздух, прашаа демонстрантите (Фото: СДК.МК)

Неколку стотици тетовци попладнево излегоа на протест поради запалувањето на дивата депонија на влезот во градот. Тие својот револт го искажаа пред зградата на Општина Тетово, каде скандираа „Сакаме да дишеме“, „Еве ви го ѓубрето“ и  фрлаа кеси со отпад, фрлаа и со јајца по стаклата и фасадата, а пред влезот од зградата донесоа и истурија еден контејнер. Пред влезот на зградата полицијата формира кордон и не дозволуваше протестантите да влезат во зградата. Сепак, на нив им успеа да го запалат фрлениот смет но веднаш интервенираше полицијата и спречи огнот да се прошири.

Протестот започна на градскиот плоштад, а демонстрантите се движеа по главните улици сѐ до зградата на Општина Тетово, и тој беше спонтана реакција по вчерашниот голем пожар кој изби на дивата депонија и целата ноќ помината во неснослив чад.

Протестот започна на градскиот плоштад, а демонстрантите се движеа по главните улици сѐ до зградата на Општина Тетово, и тој беше спонтана реакција по вчерашниот голем пожар кој изби на дивата депонија и целата ноќ помината во неснослив чад (Фото: СДК.МК)

„Градоначалничката Теута Арифи беше во коалиција со секоја власт во изминативе 4 години  и е одговорена што досега не го реши овој проблем. Оваа шминка што сега ни ја даваат дека пред избориве ќе се чистела депонијата не е трајно решение. Општината е одговорна што направила претоварна станица која 13 години е привремена, а ако е привремена зошто тогаш не ја обезбедиле со ограда и чувари за да не дојде до палење. Зошто 13 години не се решава ова прашање зошто и нашите деца а и децата на советниците во општината и на претседателот на Советот и на градоначалничката вчера го дишеле овој воздух“, рече Дарко Гарвоски еден од учесниците на протестот.

По нешто повеќе од еден час, протестантите мирно се разотидоа и најавија дека дополнително ќе се организираат овој протест да продолжи и во наредните денови.

Набрзо по протестите, прес конференција одржа и градоначалничката Теута Арифи. Таа и понатаму е на ставот дека зад палењето на депонијата стоијат некои политички структури.

„Многу е сиптоматично што откако ги направивме сите чекори за средување на состојбата со претоварната станица и најавивме дека од почетокот на наредната недела ќе почнат работите за нејзино расчистување, имаме ситуација која ја имавме вчера. Тоа уште еднаш ги докажува индикациите дека органите треба да се позанимаваат и да ги најдат сторителите“, изјави Арифи. На прашање дали и денешниот протест пред општинската зграда е дел од таа политика, Арифи само кратко прокоментира „Мислам дека многу така изгледаше“.

Вчера околу 18 часот на местото на пожарот на дивата депонија увид извршиле Јавен обвинител од тетовското Обвинителство и екипа на СВР Тетово. Засега ниту од Обвинителството ниту од СВР Тетово не соопштуваат детали за причините за пожарот и дали навистина има индиции дека тој е подметнат.

З. АНДОНОВ

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира