Владата ја продолжи до крајот на мар мерката за обезбедување дополнителните количини електрична енергија од домашно производство, односно преку топланата Те-То. На вчерашната владина седница, одлучено е Те-То да работи седум дена во неделата по 24 часа со полна моќност и во февруари и март.
„Согласно оваа мерка, АД ‘Електрани на Северна Македонија‘ ќе ја откупува целокупната произведена електричната енергија на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија Те-То“, соопшти Владата.
Со преземањето на електричната енергија ќе се обезбеди дополнителна топлинска енергија односно континуирано парно греење во Скопје.
За да не останат скопјани без парно, Владата пред 10 дена донесе одлука државната компанија ЕСМ да го преземе работењето на БЕГ додека трае енергетската криза. Ваквата одлука следеше откако БЕГ најави дека нема пари за набавка на гас па не може да испорачува топлинска енергија во Скопје, односно дека граѓаните и државните и локални институции ќе немаат парно.
„Согласно договор, БЕГ ќе го стави на увид на ЕСМ целокупното свое деловно работење. Договорот му дава согласност на ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка“, соопштија од Владата на 20 јануари.
А. АНТЕВСКА