ТРИ ВРАБОТЕНИ ВО ДВЕ ГРАДИНКИ ВО КУМАНОВО ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, СЕДУМ ДЕЦА ВО ИЗОЛАЦИЈА

    ТРИ ВРАБОТЕНИ ВО ДВЕ ГРАДИНКИ ВО КУМАНОВО ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, СЕДУМ ДЕЦА ВО ИЗОЛАЦИЈАСпоред Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово, заразени се воспитувачка и негувателка од иста група во објектот „Развигорче“ и една негувателка во градинката „Буба Мара“. (Фото: СДК.МК)

    Три вработени во две градинки во Куманово се позитивни на коронавирус, поради што седум деца се во изолација. Според Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово, заразени се воспитувачка и негувателка од иста група во објектот „Развигорче“ и една негувателка во градинката „Буба Мара“.

    „Во градинката ‘Развигорче‘ воспитувачката и негувателката работеле со деца од прва мала група. По првите симптоми направено е тестирање и двете излегле позитивни. Извршена е епидемиолошка анкета и сите 7 дечиња се ставени во 14-дневна изолација во домашни услови и засега немаат никави симптоми. Дадени се инструкции родителите да ја следат нивната состојба и доколку има потреба да ги контактираат матичните лекари“, вели д-р епидемиолог Јадранка Стаменковска од ЦЈЗ во Куманово.

    Втората позитивна негувателка е во објектот „Буба Мара“, но децата од големата група не се ставени во изолација, затоа што биле почитувани сите протоколи при нивниот престој во градинката.

    „Само шест деца биле во групата. Тоа се поголеми деца кои немаат директен контакт со негувателката, како соблекување, облекување и хранење, и со почитување на протоколите нема опасност од ширење на вирусот. Така да само негувателката е ставена во изолација, а на останите ќе се следи состојбата од одговорните во градинката и доколку има потреба навреме ќе се алармира“, додава Стаменковска.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека се преземени сите мерки и направена е дезинфекција во објектите на двете градинки.

    Во Центарот за јавно здравје во Куманово вчера се регистрирани 43 новозаболени од коронавирус, 38 од Куманово и 5 лица од Липково. Од почетокот на пандемијата досега во трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане,  вкупно има 2.600 позитивни на коронавирус.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира