ТРИЕСЕТИНА ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО БЛОК 57 НА ВЛЕЗОТ ВО ТЕТОВО ЗА НОВИ 8.000 ЖИТЕЛИ, А ГРАДОТ НЕМА ВОДА, ПАРКИНЗИ, ПАРКОВИ И КАНАЛИЗАЦИЈА

    ТРИЕСЕТИНА ЗГРАДИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО БЛОК 57 НА ВЛЕЗОТ ВО ТЕТОВО ЗА НОВИ 8.000 ЖИТЕЛИ, А ГРАДОТ НЕМА ВОДА, ПАРКИНЗИ, ПАРКОВИ И КАНАЛИЗАЦИЈАСо усвојувањето на планот за Блок 57 А се предвидува во густо населениот блок да се изградат 230.000 метри квадрати станбена површина или околу 2.000 нови станови, кои според проценки би биле бизнис вреден 20 милиони евра. (Фото: З. Андонов)

    Изградбата на голем станбен комплекс во контроверзниот Блок 57 А во Тетово и понатаму ја бранува јавноста, а сè повеќе реагираат и граѓаните на Тетово, невладините организации, опозициските партии. На овој простор на влезот во Тетово, на кој во еден дел се наоѓаше фабриката ШИК “Јелак“ која отиде во стечај, се предвидува да се изградат 230.000 метри квадрати станбена површина или околу 2.000 нови станови, кои според проценки би биле бизнис вреден 20 милиони евра.

    Усвојувањето на деталниот урбанистички план (ДУП) за Блок 57 А пред Советниците на Советот на Општина Тетово се најде за првпат на седницата од 28 мај оваа година, сред кризата со ковид-19. Тогаш имаше забелешка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека не е време за носење на одлуки од областа на урбанизмот. Таа 31. седница на Советот на двапати беше прекинувана и дури на продолжетокот, кој се одржа на 31 август, ДУП-от за Блок 57 А беше усвоен без дискусија, со 18 гласови „за“ еден „против“ и 6 „воздржани“.

    За претседавачот на Советот на Општина Тетово нема ништо спорно во донесувањето на одлуката.

    „За тоа имаше одлука на Владата и одлука на Министерството. Сè е документирано како што треба. Ако има нешто треба одговор да дадат другите надлежни луѓе. Ние како Совет се занимаваме дали е запазена процедурата“, изјави претседател на Советот Беким Мемети.

    Нови 30 згради ќе се градат на овој простор на влезот во Тетово, каде во еден дел се наоѓаше фабриката ШИК “Јелак“ која отиде во стечај. ВМРО-ДПМНЕ обвини за корупција, но сепак кога се усвојуваше планот за овој дел нивните советници не дискутираа и гласаа „воздржано“. (Фото: З. Андонов)

    Против ваквата одлука најгласни беа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и тие, кога конечно се донесуваше одлуката воопшто не дискутираа, а гласаа „воздржано“.

    „Ние како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ гласавме ‘воздржано’, бидејќи и за други точки од дневниот ред каде се гласа за работи од урбанизмот гласаме ‘воздржано’. Знаеме дека сме малцинство во Советот и секогаш сме надгалсувани па затоа вака гласаме“, изјави Горан Јовановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово.

    Но, и покрај ваквиот став на партијата, Александар Велјаноски, донеодамнешниот советник во општинскиот Совет, а сега пратеник во Парламентот, на двапати на прес-конференции одржани пред поранешната фабрика ШИК „Јелак“, ја обвинуваше власта дека усвојувањето на ДУП-от за Блок 57 А е голем корупциски криминал вреден 4 милиони евра во кој се вмешани највисоките структури на СДСМ и ДУИ.

    Против изградбата на ваков огромен стамбен комплекс гласот го дигнаа и тетовските екологисти, кои побараа истрага на овој случај поради можната корупција како и итно замрзнување на сите понатамошни постапки во урбанизацијата на урбанистичкиот Блок 57А.

    „Општина Тетово на нетранспарентен начин носи контроверзни одлуки за промена на правецот на градот со нови урбанистички планови, каде во отсуство на информации се шпекулира за бројка од околу 8.000 жители. Во ситуација кога градот нема вода за пиење, водоводна мрежа, канализација, паркиралишта, колективни гаражи, булевари, обиколници, проценуваме дека градот Тетово е многу далеку од инфраструктурниот капацитет за изградба на станбени и трговски комплекси во внатрешноста на градот. Неприфатливо е да се изградат нови 30 станбени згради на влезот на градот, во хаотичен град од сите аспекти, без основни услови, каде што очигледно недостасуваат паркови и рекреативни простори“ велат од еколошкото движење „Еко герила“.

    Освен овие контраверзии околу изградбата на Блок 57 А, се надоврза и најновото сознание дека на дел од овој простор порано се наоѓале муслимански гробишта. Овој простор по ослободувањето, народната власт го национализирала и на него подоцна е изградена фабриката ШИК „Јелак“ како и други помали индустриски објекти и складишта.

    „Не е никаква тајна дека на овој простор биле стари муслимански гробишта. Тоа може да се види и во записите во катастарот. Тој простор по завршување на Втората светска војна е национализиран. Ние, како ИВЗ, покренавме барање за денационализација но го изгубувме спорот со државата. Јас сум помлад и не можам со сигурност да кажам дали по национализацијата на тоа земјиште е извршена и ексхумација на починатите или можеби дел од починатите уште се на тоа земјиште“, вели Намик Џафери од тетовското муфтиство на ИВЗ.

    Дека Тетово ќе добие уште еден бетонски ѕид кој дополнително ќе создава тешкотии и во снабдувањето со вода, во одвивањето на сообраќајот и во загадувањето на воздухот, реагираат и дел од тетовските архитекти. За нив е непоимливо покрај сите проблеми што ги има градот да се гради ваков огромен станбен комплекс.

    „Сето она што е законски легално, не мора да значи дека е и суштествено легитимно. Можете да имате широко елаборирана планска документација, навидум квалитетна, која притоа може ги запазува законските минимуми при планирањето, но тоа не мора да значи дека понудениот план за одреден опфат ќе донесе развој или ќе биде од јавен интерес. Дали Тетово реално има потреба од олкав број нови станови само во овој опфат? Дали некој има направено студија и анализа, колку од постоечкиот станбен фонд во Тетово е на продажба? Дали Тетово расте со таква брзина со која некој може да го оправда ваквото силување на градското ткиво?“, реагира архитетктот Бошко Видоевски кој ваквиот начин на урбанистичко планирање го нарекува шнајдерски урбанизам.

    Тетово, град кој можеби е единствен во светот кој нема пешачка зона, град во кој на прстите од една рака може да се избројат колку има паркови, град со секојдневни сообраќајни гужви, град кој има големи проблеми со водата за пиење и загадениот воздух сега ќе добие уште еден огромен урбан блок кој уште повеќе може да ја влоши и онака тешката состојба во која тој се наоѓа.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира