Првиот спрат од новото болничко крило на Струмичката болница ќе стане ковид-центар за третман и лекување на пациентите со ковид-19 во регионот, најави министерот за здравство Венко Филипче по средбата со одговорните во Медицински центар Струмица. Целта на посетата беше да се најдат решенија за ублажување на потребата за дополнителен простор и кадар по се поголемиот број ковид позитивини во Струмичко.
„Станува збор за цел спрат со 100-тина легла кои веќе се опремени и има централен довод на кислородна поддршка. Тој за неколку дена може да биде ставен во функција. Во однос на кадарот, донесовме одлука да ротира персоналот од сите болнички одделенија. Во моментов има само двајца инфектолози и интернисти што доаѓаат на помош на Инфективното одделение. Распределен е специјалист од Клиниката за белодробни заболувања од Скопје, а од следната недела доаѓа професор од Инфективната клиника кој ќе се придружи на тимот овде. Ќе се прави и систем на ротација на медицинските сестри. Може да се соочиме со период во кој што целокупниот останат програм ќе се намали, со цел што е можно повеќе кадар биде на располагање за лекување на пациентите со ковид“, кажа министерот Филипче.
Во Струмица и регионот во моментов има околу 400 активни случаи со коронавирус. Досега починаа 22 лица од компликации на вирусот. Пациентите со потешка клиничка слика се препраќаат во Скопје, а во моментов во Струмичката болница на Инфективно и во дневните ковид-амбуланти се лекуваат 50-тина пациенти.
В. ТРАЈКОВ