ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ НИ ЈА БЛОКИРА РАБОТАТА ОТИ СО ОПШТИНА ТЕТОВО УПРАВУВА ОПОЗИЦИЈАТА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ ДУРМИШИ

    ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ НИ ЈА БЛОКИРА РАБОТАТА ОТИ СО ОПШТИНА ТЕТОВО УПРАВУВА ОПОЗИЦИЈАТА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ ДУРМИШИПолицијата ретко контролира, па поради тоа по сите сообраќајници има двојно паркирање на возилата што многу го отежнува сообраќајот. (Фото: СДК.МК)

    Соработката на локалната власт во Општина Тетово со централната власт е на многу ниско ниво, велат од Општината. Убедени се дека причината за ова е што со Општината управуваат партии кои се опозиција на централната власт. Советот на Општина Тетово брои 31 член, од кои 16 се од коалицијата на Движењето БЕСА (12) и ВМРО-ДПМНЕ (4), што Општината ја става во редот на локална власт во која управува опозицијата. Од ваквото политичко надмудрување најголема штета трпат граѓаните на Тетово.

    Проблеми има и со Министерството за образование со ингеренциите врз основните и средните училишта. (Фото: СДК.МК)

    „Соработката со Општина Тетово со централната власт е генерално лоша во секој поглед. Отежната комуникација имаме со сите министерства, а со некои е многу лоша. Тука прво би го издвоил Министерството за внатрешни работи, односно СВР Тетово како негов дел. Еве неколку примери: во надлежност на тетовската полиција е регулирањето на сообраќајот на градските булевари. Но тука полицијата ретко ја гледаме, па поради тоа по сите овие сообраќајници доаѓа до двојно паркирање на возилата што многу го отежнува сообраќајот. Тоа предизвикува револт кај жителите на Тетово и тие нас не обвинуваат за ваквата состојба, без да знаат дека тоа е во надлежност на СВР Тетово. Во наша надлежност се паркинг местата, но ние не можеме да ги отстрануваме возилата кои неправилно се паркирани. Тоа треба да го прави полицијата, но не го прави или го прави мошне ретко, иако ние постојано бараме полицијата секој ден да биде присутна на овие критични сообраќајни точки“, вели претседавачот на Советот на Општина Тетово Бесар Дурмиши.

    Врв на сета оваа несоработка на централната власт со Општината беа двата предлози кои СВР Тетово ги даде за назначување командир на полициската станица за општа надлежност во Тетово, личност за која треба Советот на Општината да даде одобрение. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека Општината нема соработка со СВР Тетово и за полициска асистенција кога требаше да се отстрануваат бараките и киосците низ градот кои се бесправно изградени.

    „Иако пративме од многу порано писмено барање за асистенција, образложението на полицијата беше дека поради сигурносни причини и голем обем на работа не можеле да ни обезбедат асистенција. Исто така, многу тешко добиваме одобренија за измена на режимот на сообраќајот во делот на одредување на едносмерни улици“, вели Дурмиши.

    Тој спомнува дека како врв на сета оваа несоработка со Општината беа двата предлози кои СВР Тетово ги даде за назначување командир на полициската станица за општа надлежност во Тетово, личност за која треба Советот на Општината да даде одобрение.

    „За првиот доставен предлог ние како Совет не дадовме одобрение бидејќи произлезе дека лицето е партиски кандидат, а ние сметаме дека тоа треба да биде непартиска личност. Вториот предлог за командир што ни го пратија, беше уште полош. Кандидатот беше маж на пратеничка во Парламентот од редовите на власта. Значи, кога им велиш дека предлогот е лош тие ти праќаат нов предлог, уште полош. Се разбира и овој предлог го одбивме и сега чекаме нов предлог за командир. Освен ова, досегашниот командир на полициската станица за општа надлежност имаше обврска секои шест месеци до Советот на Општината да поднесува извештај за сработеното од својата надлежност, но тој тоа не го правеше сè додека за неговата несоработка не објавивме во медиумите“, вели Дурмиши.

    Но, не само со МВР, претседавачот на Советот Дурмиши вели дека проблеми има и со Министерството за образование со ингеренциите врз основните и средните училишта.

    Претседавачот на Советот вели дека и со другите министерства соработката е на многу ниско ниво, речиси еднакво на нула. (Фото: СДК.МК)

    „За разлика порано кога локалната власт беше од исти партии како и централната власт, нам сега ни ги кратат средствата во образованието, односно ни ги намалуваат блок дотациите наменети за функционирање на училиштата. Дел од училиштата поради ова имаа проблеми со подмирување на тековните обврски, со наплатата на електрична енергија и слично. Набрзо откако беше формирана новата локална власт, министерот за образование и наука бесправно му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот да назначува директор на тетовската гимназија. На ова градоначалникот упати жалба до Административниот суд, кој пресуди дека неоправдано му се одземени ингеренциите на градоначалникот Касами, но таа пресуда дојде дури година и пол откако беше поднесена жалбата“, вели Дурмиши.

    Претседавачот на Советот вели дека и со другите министерства соработката е на многу ниско ниво, речиси еднакво на нула.

    „Министерството за труд и социјална политика една и пол година не даваше согласност за вработување на негувателки во детските градинки во градот, па бевме принудени по 30-40 деца да ставаме заедно бидејќи немавме доволно персонал. Вакви или слични се односите со речиси сите министерства. Дали со едно или две министерства може да кажеме дека имаме некаква соработка на основно ниво. Еве, со Министерството за финансии може да речеме дека имаме некоја коректна соработка, кое нешто направи, но не само за нас туку за сите Општини во државата во делот на долгот кој го имаше Општината. Но кога требаше од Буџетот за 2024 година да се доделуваат средства, Општина Тетово доби многу малку во однос на бројот на населението кое живее овде. Во другите министерства, таму каде имаме познаници може да завршиме некоја работа, но не да добиеме некој приоритет туку да ни помогнат ако некоја работа или одлука е заглавена побрзо да се заврши, вели тој..

    Дурмиши е убеден дека сета оваа опструкција кон локалната власт во Тетово е само поради тоа што локалната власт е во рацете на опозицијата.

    „Генерално земено, од 100 проценти 85 проценти се опструкции од страна на централната власт кон Општина Тетово. Мислам дека сето ова се значи дека централната власт ова го прави само затоа што опозицијата ја има локалната власт иако ние повеќепати сме апелирале да имаме поголема соработка“, тврди Дурмиши.

    Од Центарот за управување со промени (ЦУП) укажуваат дека за решавање на ваквите ситуации треба да се користат правните механизми, а не преку дневнополитички препукувања едните да прават притисок врз другите и граѓаните да не добиваат ништо.

    „Проблеми на судир на надлежности може да се решаваат пред Уставниот суд или Управниот суд, во зависност од тоа што ќе биде предмет на спорот – делимитација на надлежностите меѓу институциите или законитоста на актот со кој МОН ги има одземено надлежностите на Општината. Ваквите ситуации не треба да бидат на штета на граѓаните, а институциите треба да ги решаваат брзо, ефективно“, велат од ЦУП.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира