УАПСЕН Е ТЕПАЧОТ НА ДЕВОЈКАТА ВО ОХРИД

    УАПСЕН Е ТЕПАЧОТ НА ДЕВОЈКАТА ВО ОХРИДПретходно на 15 ноември, во 00:05 часот, полициските службеници го пронашле, лишиле од слобода и го задржале 31-годишниот охриѓанец како можен сторител на кривичното дело Тешка телесна повреда, но Обвинителството побара, а судот му одреди само мерки за претпазливост. (Фото: СДК.МК)

    Тепачот на девојката во Охрид е лишен од слобода денеска во попладневните часови. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. СВР Охрид против него поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Тешка телесна повреда.

    Кај 31-годишниот охриѓанец, кој е осомничен за нападот, алкотестирањето покажало 1,29 промили алкохол во крвта.

    „Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, кажа Димоски.

    Од СВР Охрид кажаа дека веднаш по добивањето на пријавата бил формиран посебен тим од полициски службеници од униформираниот полициски состав и криминалистичката полиција, со задача целосно да го расчисти случајот. Претходно на 15 ноември, во 00:05 часот, полициските службеници го пронашле, лишиле од слобода и го задржале 31-годишниот охриѓанец како можен сторител на кривичното дело Тешка телесна повреда, но Обвинителството побара, а судот му одреди само мерки за претпазливост. За Тешка телесна повреда по член 131 став 3 од Кривичниот законик превидена е казна затвор од една до десет години.

    Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска кажа дека интензивно се работи на случајот и дека се свесни оти мора брзо и ефикасно да постапуваат.

    „Ве уверувам дека Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот и очекувам во текот на денот да бидам известен од надлежниот јавен обвинител, па дури и да биде донесена конечна јавнообвинителска одлука“, рече Савески.

    Тој додаде дека квалификацијата на делото за кое ќе се гони осомничениот ќе се знае кога ќе се соберат сите докази за време на истрагата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира