УПРАВНИОТ СУД МУ ЗАБРАНИ НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ДА ЈА УРИВА ГАРАЖАТА ШТО МУ ПРЕЧИ НА ЕКСМИНИСТЕРОТ СПИРО РИСТОВСКИ

    УПРАВНИОТ СУД МУ ЗАБРАНИ НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ДА ЈА УРИВА ГАРАЖАТА ШТО МУ ПРЕЧИ НА ЕКСМИНИСТЕРОТ СПИРО РИСТОВСКИДемонстрантите во Тафталиџе на протестот на 18 јули на градоначалникот Јакимовски му оставија порака „Мојата гаража Стевчо не ја давам, дај ја ти твојата“ (Фото: Џанго Помалиот)

    Управниот суд на Република Македонија донесе Решение за времена мерка со која ѝ се забранува на Општина Карпош да презема какви било дејствија, сè до правосилно завршување на судската постапка за легализација на објектот гаража на семејството Петковски во Тафталиџе. Семејството поднесе тужба во Управниот суд минатиот месец, откако по шест години одлучување Општина Карпош реши да им го одбие барањето за легализација на гаражата, а истиот ден поведе постапка за експропријација на имотот за да го прошири пристапниот пат до парцела каде како еден од сопствениците се појавува и поранешниот министер за образование Спиро Ристовски.

    Постапката за експропријација е сопрена откако семејството објаснило дека имаат барање за легализација на гаражата. За одбиената легализација се пожалиле и во Министерството за транспорт и врски, но и од таму им го одбиле барањето, па останало само да поведат постапка пред Управниот суд. И покрај тоа што ја известиле Општината за постапката, од таму добиле решение за уривање на гаражата.

    „После долга и интензивна битка со државните институции и органи, кои работеа строго под влијание, притисок и во интерес на определени јавни функционери, конечно ја добивме битката со Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски. Со ова Решение Управниот суд докажа дека е навистина институција која го почитува законот, се грижи за правата на граѓаните и не дозволува да се злоупотребуваат овластувањата на институциите. Истото е потврда дека Општината ја злоупотребува положбата за да наштети на граѓаните и директно да го повреди со Устав загарантираното право на сопственост. Непочитувањето на судска одлука е кривично дело, па доколку општинските службеници пристапат кон рушење на објектот ќе одговараат кривично. Се надеваме дека ова ќе биде пример за сите институции дека постојат и се поставени да служат на граѓаните, а не обратно “, вели семејството Петковски.

    И Народниот  правобранител отвори случај за уривањето на гаражана на семејството Петковски.

    Оваа недела, семејството Петковски поднесе кривична пријава против градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и против уште петмина вработени во Општината, Томе Ѓурчилов, Благица Блажевска, Олга Цубалеска Јаневска, Ристо Здравев и Данче Поповска, за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување службена исправа.

    Во вторникот, 18 јули, соседите и многумина истомисленици од други страни на градот со оставање отпечатоци од дланките симболично ја гушнаа гаражата во знак на поддршка за борбата со институциите на семејството Петковски.

    М. И. ПАЧЕМСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира