УШТЕ НИКОЈ СО СИГУРНОСТ НЕ МОЖЕ ДА КАЖЕ ДАЛИ ИМАЛО ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ВО МЕТАЛНИТЕ САНДАЦИ ФРЛЕНИ КАЈ ГРОБИШТАТА ВО ГОСТИВАР

    УШТЕ НИКОЈ СО СИГУРНОСТ НЕ МОЖЕ ДА КАЖЕ ДАЛИ ИМАЛО ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ВО МЕТАЛНИТЕ САНДАЦИ ФРЛЕНИ КАЈ ГРОБИШТАТА ВО ГОСТИВАРНе можат да се добијат информации дали во сандаците имало лица заболени од ковид-19, бидејќи тие веќе се отстранети од дивата депонија кај Градските гробишта во Гостивар, а уште по некој ваков сандак може да се најде на депонијата во Русино. (Фото: ТВ Кис Менада)

    И понатаму останува нејасно кој ги оставил металните мртовечки сандаци на неколку локации на диви депонии во Гостивар и околината. Исто така, не можат да се добијат информации дали во сандаците имало лица заболени од ковид-19, бидејќи тие веќе се отстранети од дивата депонија кај Градските гробишта во Гостивар. Уште по некој ваков сандак може да се најде на депонијата во Русино.

    Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар велат дека тие во понеделникот, на дојава на некои граѓани, ги однеле сандаците од дивата депонија веднаш до градските гробишта и дека вакви случаи, кога се оставаат мртовечки сандаци, имало и порано.

    „Нашите ингеренции како претпријатие се да го обезбедиме гробното место и да ги одржуваме гробиштата. По повици од граѓаните дека има неколку сандаци кај гробиштата, ние како претпријатие отидовме, ги собравме сандаците и ги однесовме на депонија. Тоа е нашата обврска. Ние немаме никаква друга обврска спрема сандаците и услугите. Има друг економски оператор кој ги врши услугите до погребување. Во последно време, заради пандемијата, се случуваат вакви работи. Ние имаме телефонски броеви на кои секој од семејството може да се јави дека има вакви сандаци, тогаш ние ги собираме и ги носиме на депонија. Кога има случаи на погребување на заболени од ковид-19, тогаш има и контроли и надзор од другите институции кои го следат процесот на закопување до крај“, изјави Исак Лазами, директор на ЈП „Комуналец“ од Гостивар.

    Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар велат дека тие во понеделникот, на дојава на некои граѓани, ги однеле сандаците од дивата депонија веднаш до градските гробишта и дека вакви случаи, кога се оставаат мртовечки сандаци, имало и порано. (Фото: ТВ Кис Менада)

    Се претпоставува дека оставените сандаци се од починати лица од муслиманска вероисповест, каде според обичаите починатиот се завиткува во бел чаршав и така телото се положува во гробот, а сандаците во кои во одредени случаи се транспортира телото се фрлаат.

    Од Исламската верска заедница од Гостивар се огласија со кратко соопштение во кое велат дека се запазуваат сите критериуми на погребување кога станува збор за лица починати од ковид-19.

    „Починатите од ковид-19 се погребуваат според протоколи. Ковчезите не се отвораат и сите религиозни обреди се извршуваат откако сандаците ќе бидат веќе спуштени во земјата. Тоа се почитува“, се вели во соопштението од ИВЗ.

    Вчера, Џемил Мемети од тетовското Муфтиство на ИВЗ кажа дека можеби станува збор и за лица кои се починати во странство, а кои според меѓународните правила за транспорт на починати лица мора да бидат во метален сандак. Ако тие лица не починале од заразна болест туку од некоја друга причина, тогаш семејството може да го отвори сандакот и да го погреба по муслиманските обичаи ако тие обичаи не се примениле во земјата каде лицето починало.

    Дали станува збор за крајно неодговорно однесување на некои поединци одговор не може да даде ниту СВР Тетово, од каде велат го истражуваат случајот за да утврдат дали постои основа за сторено кривично дело. (Фото: ТВ Кис Менада)

    Од Центарот за јавно здравје во Гостивар нема никака рекација и тие за одговор на ова прашање посочуваат да се бара од надлежните во Скопје.

    Дали станува збор за крајно неодговорно однесување на некои поединци одговор не може да даде ниту СВР Тетово. Велат го истражуваат случајот за да утврдат дали постои основа за сторено кривично дело.

    „Секторот за внатрешни работи Тетово, по добиени првични информации за овој случај, вчера (31 август) испрати службеници на посочените локации за утврдување на фактичката состојба, но таму не се пронајдени мртовечки сандаци или друга погребална опрема. СВР Тетово веќе обезбеди фото и видеоматеријали поврзани со случајот и презема мерки за откривање кој и зошто ги оставил сандаците на тие места и дали постојат основи на сомнение за сторени кривични дела“, соопштува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    З. АНДОНОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира