ВАЛАНДОВО УРЕДУВА ПАРЦЕЛА ЗА НОВИ ГРОБИШТА ОТИ ВО ПОСТОЕЧКАТА СЕ ПОГРЕБУВААТ ВО КАРПИ

    ВАЛАНДОВО УРЕДУВА ПАРЦЕЛА ЗА НОВИ ГРОБИШТА ОТИ ВО ПОСТОЕЧКАТА СЕ ПОГРЕБУВААТ ВО КАРПИВо постоечките грбипта во Валандово, бидејќи нема места, се узурпираат патеките и никнуваат гробови и споменици на секоја педа (Фото: СДК.МК)

    Валандово ја почна постапката за уредување парцела за нови гробишта, откако жителите на овој град со години реагираат оти нема слободни гробни места во постоечките, а починатите ги погребуваат во карпи и спили. Општината распиша тендер за оградување парцела од 12.400 метри квадратни во висина од 2 милиони денари. Новата парцела за градски гробишта се наоѓа на стариот пат кон Пирава, каде според планот ќе има 1.100 гробни места. Локалните власти деновиве почнаа да ја чистат новата локација, откако е обезбедна сета документација за таа намена.

    „Се надеваме дека оваа есен, најдоцна до нова година, оваа локација ќе биде ставена во функција. Најпрво ќе се оградува парцелата по што ќе пристапиме кон изградба на потребната инфраструктура. Планирано е подигање капела, помошни простории и паркинзи на повеќе места. На овој начин ќе се реши долгогодишниот проблем за кој сите граѓани на Валандово реагираа. Уште имаме проблем со постоечките гробишта каде нема слободни места. Се надевам дека со ова локација ќе се надмине истиот во перспектива“, ни изјави градоначалникот Перо Костадинов.

    Проблемот со гробиштата во Валандово се провлекува со години и беше предизборно ветување на речиси сите поранешни градоначалници. Во меѓувреме во постоечките, бидејќи нема места, се узурпираа патеките и никнуваа гробови и споменици на секоја педа. Валандовчани последниве години беа приморани своите најблиски да ги погребуваат во околните села или местата од каде што потекнуваат.

    „Тоа е најголем проблем на Валандово. Починатите во спили и камења ги погребуваме, а тие што се доселени во Валандово, покојните си ги носеа во местата од каде што се доселени. На гробиштата на ридот во Валандово нема ниту патеки, па мора преку споменици и гробови да се оди за да се стаса до веченото почивалиште на починатите’’, велат валандовчани.

    Оти нема слободни гробни места на постоечките гробишта и за хаосот со закопот на починатите своевремено реагираа и свештените лица од црквата „Св Димитрија“ при Брегалничката епархија . Претходната локална власт новата локација за гробишта ја планираше до постоечките со каскадно решение, но проектот остана само на хартија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира