Средата вечер патниците во вечерниот воз од Скопје за Велес, која поаѓа во 22,30 часот имале непријатна епизода при пристигнувањето во железничка станица Велес. Патници велат дека морале да одат пеш за да стигнат до станицата во Велес оти возот не можел да стигне до станицата.
„Пред да стигнеме во Велес, возот сопре на сигналот, на влезот во станицата. Ни кажаа дека нешто со сигнализација е расипано и ќе треба да чекаме да се поправи, требало да дојде некое лице од Неготино. Не ни кажаа колку време ќе чекаме, па сите колку што бевме во возот решивме пеш да ги изодиме тие неколку стотини метри од станицата. По мрак, газејќи по прагови стасавме некако пред полноќ. Одевме пеш од мостот на Вардар кај Башино село до станица“, вели еден од патниците.
Од Македонски железници инфраструктура велат дека возот не можел да стигне до станицата оти дошло до затајување на блок апаратот пред влезот на станицата во Велес.
„Отправникот се упатил веднаш кон местото рачно да ја сврти свртницата. Возот стоел околу 35 минути во место, а потоа продолжил кон станицата. Некои патници, за да не чекаат, самоволно се симнале таму и продолжиле пеш до станицата. Блок апаратот веднаш бил оспособен“,соопштија од Железници инфраструктура.
Овие три дена, во Велес не работат ниту сигурносните рампи на железничките премини на трите патни премини во центарот на градот.
П. ПЕЧКОВ