ВЕЛЕШАНИ НА ВОЗРАСТ НАД 75 ГОДИНИ ДОБИЛЕ ПОКАНА ЗА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА ВО ДРУГИ ГРАДОВИ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ВЕЛАТ ТРЕБА ДА ПАК ДА СЕ ПРИЈАВАТ

    ВЕЛЕШАНИ НА ВОЗРАСТ НАД 75 ГОДИНИ ДОБИЛЕ ПОКАНА ЗА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА ВО ДРУГИ ГРАДОВИ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ВЕЛАТ ТРЕБА ДА ПАК ДА СЕ ПРИЈАВАТОд утре, во Велес во Здравствениот дом продолжува вакцинацијата за лица на 75-годишна возраст со кинеската вакцина на „Синофарм“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Иако во Велес има вакцинален пункт за лица над 75-годишна возраст, велешани од оваа возрасна група добиле покана за вакцинација против ковид-19 во други градови, бидејќи Велес не е меѓу 6-те градови каде има сали за масовна вакцинација која почна од денес. Има случаи на лица кои со СМС порака се испраќаат да се вакцинираат во Кавадарци, Гевгелија.

    „Мајка ми има 87 години, ја известија дека треба да се вакцинира во Кавадарци. Зошто потреба од патување, кога може да се вакцинира во Велес?“, реагираше синот на оваа велешанка.

    Во друг случај, сопругот на жена на возраст од 85 години беше во Здравстениот дом каде што е вакциналниот пункт, за да праша како да постапи.

    „Јас сум на возраст на 88 години и се вакцинирав тука во Велес. Се пријави сопругата, нејзе ја испраќаат за Гевгелија. А гледам дека работи и овој пункт во Велес. Сигурно нема да патуваме, но што понатаму, дали и како да се вакцинира“, вели велешанецот.

    Од Министерството за здравство на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК за овој проблем велат дека лицата биле поканети врз основа на податоците кои тие ги оставиле.

    „Граѓаните добиваат СМС порака со закажаниот термин за вакцинација на бројот кој го оставиле за контакт во самото аплицирање на страницата vakcinacija.mk или пак на бројот кој го има во нивното медицинско досие доколку закажале термин преку матичен лекар. Доколку во пораката не се нивните податоци оние кои ги добиле, граѓаните треба да закажат повторно термин, внесувајќи ги точните податоци на официјалната веб платформа или кај матичниот лекар. На истата веб платформа граѓаните имаат можност да наведат на кој вакцинален пункт сакаат да се вакцинараат. Освен салите за масовна вакцинација, процесот непречено тече и во здравствените установи на постоечките авкцинални пунктови во Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Струмица, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија“, велат од Министерството за здравство.

    Од утре, во Велес во Здравствениот дом продолжува вакцинацијата за лица на 75-годишна возраст, а третата пратка, како и втората е со кинеската вакцина на „Синофарм“. Досега се вакцинирани повеќе од илјада лица од највозрасната категорија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира