ВЛАДАТА ДАДЕ ПАРИ, А ОПШТИНАТА ТРЕБА САМА ДА ГИ УРНЕ ДИВОГРАДБИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ ВО ОХРИД

    ВЛАДАТА ДАДЕ ПАРИ, А ОПШТИНАТА ТРЕБА САМА ДА ГИ УРНЕ ДИВОГРАДБИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ ВО ОХРИД„Државата може финансиски да помага, а Општините имаат ингеренции и можности да се справат со нелегалните градби“, рече Бочварски денеска во Охрид  по првата официјална посета на Oпштина Охрид; - Со градоначалникот Константин Георгиески (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид ги доби шестте милиони денари од Владата кои беа предвидени за имплементација на препораките на УНЕСКО како помош за справување со нелегално изградените објекти, но Општината треба сама да ги урне дивоградбите, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

    „Државата може финансиски да помага, а Општините имаат ингеренции и можности да се справат со нелегалните градби“, рече Бочварски денеска во Охрид  по првата официјална посета на Oпштината.

    Бочварски најави државна помош и во делот на носењето на уранистичките планови за заштитениот појас на Охридското Езеро.

    „Во текот на 2021 година, Министерството ја презема обврската да го реши крајбрежниот појас на сè она што е надвор од Генералниот план. Ќе следи етапно урбанизирање, со што ќе се реши и проблемот со дивите плажи. Ќе се работи согласно финансиските можности и капацитетите на институциите кои се под Министерството. Сите нелегални објекти според новите урбанистички планови ќе треба да бидат отстранети од охридското крајбрежје, по што Општината во иднина ќе може да располага со крајбрежјето“, рече Бочварски.

    Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, рече дека поддршката на државата е од особено значење за решавање на проблемите со кои се соочува Општината.

    За Општина Струга министерот Бочварски најави дека проблемите и таму ќе се решаваат со средби и разговори. Одземање на ингеренциите во делот на урбанизмот, за министерот не е решение, и покрај тоа што струшкиот градоначалник Рамис Мерко досега не презема никакви конкретни чекори за справување со овој проблем.

    „Не сакаме да одземаме нечии ингеренции, секој треба да ги преземе своите одговорности со цел граѓаните да почуствуваат правда и правичност. И централната и локалната власт треба заедно да ги решаваат проблемите на граѓаните. Врз база на документација треба да се види што е тоа што е нелегално во Струга и кој е планот на Општината за решавање на овие прашања“, вели Бочварски.

    Министерот не ја знае точната бројка на дивоградби во Струга, вели тоа е работа на Општината, но рече дека е свесен за проблемот со недостатокот од градежни инспектоти за што вети зајакнување на капацитетите на инспекциските служби. Кажа дека со ое повисоки плати и поголеми ингеренции ќе се привлекуват стручните лица да работат како инспектори.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира