ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ТУЖИ ГЕРМАНСКАТА ФИРМА ШТО ЈА ПРЕКИНА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ

    ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ТУЖИ ГЕРМАНСКАТА ФИРМА ШТО ЈА ПРЕКИНА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕМинистерот Горан Сугарески денес заедно со премиерот Оливер Спасовски беа на увид на рехабилитација на магистралниот пат Куманово- Страцин.(Фото: Министерство за транспрот и врски)

    Владата ќе ја тужи германската фирма „Вибе“, затоа што еднострано ја прекинала соработката со ЈП „Македонски железници-инфраструктура“ и се повлекла од изградбата на железничката пруга Куманoво-Бељаковце, дел од Коридорот 8 кон Бугарија. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, вели дека од причини познати само на изведувачот, тој се повлекол од градилиштето.

    „Причините коишто се наведуваат за нас се крајно неприфатливи и затоа на вчерашната седница на Влада зазедовме став да ги преземеме сите мерки во делот на ангажирање на адвокати, меѓутоа и сите други потреби околу банкарски гаранции. Сите аргументи се на наша страна. Со меморандумот којшто е потпишан во април месец, требаше тие да ја завршат пругата на крајот на февруари, така да нашите очекувања спорот ние како држава да го добиеме“ изјави денеска Сугарески, кој заедно со премиерот Оливер Спасовски беа на увид на рехабилитација на магистралниот пат Куманово- Страцин.

    Министерот додаде дека се преземени сите мерки да продолжи динамиката на изградба на преостанатите 55 проценти со цел пругата што побрзо да биде завршена, бидејќи во моментот се евалуираат понудите и за втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка.

    Изградбата на железничката пругата Куманово – Бељаковце,запре минатата недела откако фирмата ја повлече механизацијата и си го собра материјалот од градилиштата во близина на Куманово и Шупли Камен.

    Работниците тогаш изјавија дека од почетокот на месецот ништо не се работи на терен, а тие попусто доаѓаат на работа. Притоа, кажаа дека немаат земено плата два ипол месеци, а останале и без здравствено осигурување.

    Изградбата на пругата започна во 2014 година. Првата делница Куманово – Бељаковце е во должина од 30 километри и чини околу 40 милиони евра. Втората траса Бељаковце- Крива Паланка 140 милиони евра, од кои 68 милиони евра се грант, третата делница Крива Паланка – граничен премин Бугарија изнесува 405 милиони евра, од кои 60,8 милиони евра се грант од ИПА. Целата делница од Куманово до Бугарија ќе чини над 580 милиони евра.

     С.НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира