ВМРО-ДПМНЕ ЕКСПРЕСНО ЈА РАЗРЕШИ БИТОЛСКАТА СОВЕТНИЧКА АНИТА АНГЕЛЕВСКА ОД ПАРТИСКИТЕ ФУНКЦИИ ОТИ ПОБАРА ОСТАВКА ОД МИЦКОСКИ И ВОНРЕДЕН КОНГРЕС

    ВМРО-ДПМНЕ ЕКСПРЕСНО ЈА РАЗРЕШИ БИТОЛСКАТА СОВЕТНИЧКА АНИТА АНГЕЛЕВСКА ОД ПАРТИСКИТЕ ФУНКЦИИ ОТИ ПОБАРА ОСТАВКА ОД МИЦКОСКИ И ВОНРЕДЕН КОНГРЕСОсвен советничката функција, Ангелевска беше и раководителка на Регионалниот изборен штаб на партијата. (Фото: СДК.МК)

    Советничката во Советот на Битола Анита Ангелевска, долгогодишна членка на ВМРО-ДПМНЕ и низ годините носител на партиски функции, беше експресно разрешена откако даде изјава во која побара оставка од лидерот Христијан Мицковски и вонреден конгрес. Aнгелевска во изјавата рече дека загрижува фактот што ВМРО ДПМНЕ со сегашниот претседател Мицкоски „не може и нема капацитет да биде алтернатива за надминување на очајната и безизлезна состојба во државата“.

    „Вонреден конгрес, мобилизирање на партиската структура, сојузништво со граѓаните, застапување и искрена борба за нивните интереси, единствено тоа ВМРО ДПМНЕ ќе го врати на победничката патека. ВМРО ДПМНЕ, мора да излезе од фазата на губитник и партија која нема фокус, а сега најново и партија која бојкотира избори. Секој одминат ден без вонреден конгрес, ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО ДПМНЕ е само на штета на Македонија, на нејзината иднина и на штета на нејзините граѓани“, рече Ангелевска.

    По нејзината изјава, од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола соопштија дека во целост се оградуваат од изјавата на Ангелевска, ја разрешуваат од сите партиски функции кои ги врши, нагласувајќи дека нема да бидат толерирани изјави и акти спротивни на Статутот и Деловникот на партијата.

    „Поривот и причините за нејзината изјава, сметаме дека се кријат во неколкуте судски спорови кои се водат против истата, за што веруваме дека притисокот е голем. Сметаме дека изјавата на Ангелевска, на која во претходниот период ѝ беа доверени повеќе партиски функции како и советничката функција во Советот на Општина Битола, е водена строго од личен интерес, под големо влијание на власта, како и судско- партискиот систем на Зоран Заев“, стои во соопштението.

    Освен советничката функција, Ангелевска беше и раководителка на Регионалниот изборен штаб на партијата. Таа до пред некоја година беше и прв човек на огранокот на Унијата на жени во Битола. Во минатото беше еден од најблиските соработници на ексградоначалникот Владимир Талески. Таа беше една од обвинетите во случајот „Транспортер“, па како поранешна директорка на гимназијата „Таки Даскало“ заедно со други поранешни директори на школите од градот од Основниот кривичен суд од Скопје беа осудени на условна казна од 2 години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира