Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Ирена Попова од денеска не е дел од советничката група на оваа партијата во Советот на Град Скопје. Попова, која беше советничката од ВМРО-ДПМНЕ и во минатиот состав на Советот, кажа дека од денеска ќе дејствува како независна. Ваквата нејзина изјава од говорницата на Советот беше поздравена со аплауз од градоначалничката Данела Арсовска.
„Од денеска не сум дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дејствувам независно, а вие слободно можете да продолжите со заканите кои ги испраќате до мене изминативе денови. Не се плашам и ќе продолжам да работам за она што го ветив на граѓаните во кампањата, а тоа е модерно Скопје. Вие ја блокирате работата на Градот, јас нема да бидам дел од тоа“, рече Попова.
Советничката Попова е втор совентик кој ја напушти коализијата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје. Пред неколку седници, откако Арсовска се искара со ВМРО-ДПМНЕ коалицијата ја напушти Александар Трајковски, кој како член на ГРОМ беше на листата на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш по напуштање на коалицијата со ВМР0-ДПМНЕ Трајковски беше назначен од Арсовска за заменик-градоначалник.
Во Советот на Град Скопје сега ВМРО-ДПМНЕ има 16 советници, СДСМ 12, ДУИ има 5 советнции, а Левица 4. По два советника на локалните избори добија ЛДП и Зелен хуман град, а по еден Алијанса за Албанците и Алтернатива. Од денеска во Советот има и два независни советника.
На дневен ред на денешната седница на Советот во Град Скопје е ребаланс на буџетот за 2022 година. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ на седница поднесуваа амандмани барајќи пари да се пренаменат за различни проекти. Арсовска кажа дека со ваквите амандмани тие го блокираат Градот, бидејќи се свесни дека на 45 дена до крајот на годинава тие проекти не можат да се реализираат.
А. АНТЕВСКА