ВО БИТОЛА ПРОТЕСТИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ И ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНА ЦЕНА НА СТРУЈАТА

    ВО БИТОЛА ПРОТЕСТИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ И ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНА ЦЕНА НА СТРУЈАТА Протестот се одржа пред Општина Битола, а околу 150 битолчани побараа да се преземат мерки за намалување на аерозагадувањето и субвенционирана цена на струјата (Фото: СДК.МК)

    Битолчани попладнево излегоа на протест за чист воздух, организирани од независната советничка група Поинаку. Протестот се одржа пред Општина Битола, а околу 150 битолчани побараа да се преземат мерки за намалување на аерозагадувањето и субвенционирана цена на струјата.

    „Податоците велат дека во Битола бројот на заболени од белодробен карцином во моментот е 2,5 пати поголем од она на централно ниво. Бројот на заболени деца од малигни неоплазми е загрижувачки, додека концентрацијата на ПМ 10 честичките секој ден во Битола е над дозволеното ниво. Излеговме да го искажеме нашиот револт за она што и се случува на Битола“, рече Грабриела Илиевска, советничка од Поинаку.

    Советникот Иван Чулакоски рече дека очекувале поголемо присуство на битолчани, но се соочиле со политички опструкции.

    „Време е да покажеме дека Битола сака да живее. Барањето за субвенционирана струја е само прв и мал чекор од она што Битола треба да го добие во борбата за чист воздух“, рече Чулакоски.

    Советот на Општина Битола вчера изгласа да бара од Владата битолчани да плаќаат субвенционирана цена на струјата, поради загадувањето на РЕК што произведува 75 отсто од струјата во земјава.

    Од локалното советничко мнозинство рекоа дека загадувањето е многу посериозен и покомплексен проблем, а само во последната година АД ЕЛЕМ заедно со Општина Битола вложија над 45 милиони денари за подобра животната средина.

    „Од самото доаѓање на новата локална самоуправа, заложбата за транспарентност и отвореност за дијалог е наш приоритет, заради тоа секаков повик за протест е апсурден, лицемерен и единствено служи за политички публицитет на организаторот“, рече советеникот Методија Илиевски до СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари