ВО ЈАНУАРИ ВОЗДУХОТ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД БИЛ НАЈМАЛКУ ЗАГАДЕН СПОРЕДЕНО СО ИЗМИНАТИТЕ 7 ГОДИНИ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ВО ЈАНУАРИ ВОЗДУХОТ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД БИЛ НАЈМАЛКУ ЗАГАДЕН СПОРЕДЕНО СО ИЗМИНАТИТЕ 7 ГОДИНИ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕМаксималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките овој јануари била 162, за разлика од 2015 кога вредноста била 560. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во јануари годинава воздухот во Скопје бил најчист во споредба со изминатите седум години. Ова го покажуваат податоците на Град Скопје кои ги објави државната агенција МИА за загадувањето во главниот град. Според податоците, максималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките овој јануари била 162, за разлика од 2015 од кога има релевантни податоци за квалитетот на воздухот, а вредноста била 560.

    „Податоците од државните мерни станици во Скопје за изминатиот месец покажуваат дека скопјани дишеле најмалку загаден воздух во споредба со истиот месец во последните седум години. Анализата која ја правиме на концентрациите на ПМ10 честички од 2015 до 2021 покажува охрабрувачки трендови по сите статистички показатели.  Во сите државни мерни станици во Центар, Гази Баба, Ректорат, Ново Лисиче и Карпош, се бележат најдобрите бројки за првиот месец од последните неколку години“, велат од Град Скопје.

    Податоците на Градот покажуваат дека во Центар во јануари 2016 имало 26 денови со среднодневни концентрации над горната вредност, а во 2021 имало 13 такви денови. Најзагадениот ден во Центар во јануари 2017 имал 482.40 PM10 честици на метар кубен, а во јануари 2021 три и пол пати помалку, односно 141.30. Најзагадениот ден во јануари во последните седум години во Гази Баба бил во 2015 со 622.70 ПМ10 честички, а во 2021 нивниот број бил 143.90, или четири и пол пати помалку. Во Карпош бил во 2017 со 525.30 ПМ10 честички на кубен метар, а во 2021 – 144.80. Во населбата Лисиче највисоката максимална среднодневна концентрација во последните седум години била во 2015 – 644.00 ПМ10, а во 2021 – 219,70.

    Ваквите бројки, велат од Градот, докажуваат дека се работи за тренд на намалување на аерозагадувањето, а не за инцидент, и мерките кои ги преземаат изминативе три години даваат резултати.

    „Доколку направиме корелација помеѓу бројките на загадувањето и тие на метеоролошките прилики, средната брзина на ветерот била константна сите години, а иако постојат разлики во средната температура и количеството на врнежи, истите не можат да се посочат како директо заслужни за падот на загадувањето“, велат од Град Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира