Две нови жаришта на коронавирус се откриени во Општина Куманово, соопштуваат од Центарот за јавно здравје во Куманово. Од 17 новозаболени кои се регистрирани во изминатото деноноќие, најголем дел се од кластер во селото Лопате, а останатите се од градското подрачје на Куманово.
Во Липково се регистрирани само два нови случаи и тоа во селата Матејче и Ваксинце.
„Денеска се направени 62 тестирања, по пола во двете општини. Во Куманово тестирањето се одвива без проблеми, додека во Липковско имавме 3-4 семејства, кои имале контакт со заболени, а веќе по вторпат одбиваат да се тестираат“, вели Ариф Љатифи, директор на Центарот за јавно здравје во Куманово.
Од Куманово денеска е регистриран еден оздравен пациент.
Во Кумановско и Липковско досега вкупно има 635 заразени од коронавирусот, а активни се 216 случаи.
С. НИКОЛИЌ