Во Охрид уште од раните утрински часови возила на ЈП „Охридски комуналец” почнаа со темелна дезинфекција на градот по заминувањето на гостите кои престојуваа за време на викендот.
„Согласно препораките на Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција од коронавирусот екипите на ЈП ‘Охридски Комуналец‘ утрово извршија дезинфекција на јавните површини во градот. Со средство за дезинфекција се изврши миење на улиците во централното градско подрачје, градскиот кеј и Чаршијата”, напиша на својата Фејсбук страница градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Дезинфекцијата на јавните површини ќе продолжи интензивно и во текот на наредниот период.
Охрид за време на викендот неофицијално го посетиле 5. 000 гости од други градови.
Д. ЧУБРИЌ