Клоновите на градинката „Детска радост“ од Струмица се претесни за децата од предучилишна возраст. За четирите градинки на „Детска радост“ во Струмица се запишани дури 1.052 деца што е за 462 деца повеќе од капацитетот на оваа институција, која со години од државата бараше средства за проширување на просторните услови, изградба на нови градинки и дозвола за нови вработувања.
Од таа причина, директорката на „Детска радост“ Тинка Маркова побара од Советот на Општината да даде зелено светло да бидат прифатени поголем број деца од капацитетот на клоновите. Струмичките советници расправајќи за овој проблем дадоа согласност во струмичките градинки да се запишат речиси двојно повеќе деца отколку што има можности оваа установа.
„Веќе подолг период го имаме овој проблем. Се пријавуваат повеќе дека отколку капацитетот и дадовме согласност. Потребно е да се изградат две нови градинки, но и да се направи доградба на веќе постоечките објекти каде има можност за да се задоволи интересот за сместување на децата“, вели претседателот на Советот Јосиф Христов.
Советниците паралелно упатија барање до одговорните во „Детска радост“ да ги превземаат сите неопходни мерки за да бидат сместени децата и да се одговори на барањата за воспитно образовниот и негувателски процес во четирите клонови на градинката.
Во струмичко нема места ниту во градинката „Прва радост“ во Василево, која е најблиску до Струмица. Градена е со европски пари, а отвори дисперзиран клон во селото Моноспитово во Општина Босилово.
„Од година во година расте интересот за запишување деца. Но мора да одбиваме, оти не ни дозволуваат просторните услови“, велат од „Прва радост“ , која има капацитет за 60 деца.
Освен во Струмица и Василево, градинка има и во Општина Ново Село, каде исто така се запишани повеќе деца отколку што дозволува капацитетот.
В. ТРАЈКОВ