ВО ТЕТОВО НАВЕЧЕР СЕ ВОЗИ И СО НАД 150 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС, АКЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАТА ВО ТЕТОВСКО-ГОСТИВАРСКИОТ РЕГИОН

    ВО ТЕТОВО НАВЕЧЕР СЕ ВОЗИ И СО НАД 150 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС, АКЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАТА ВО ТЕТОВСКО-ГОСТИВАРСКИОТ РЕГИОНСо ‘ноќен радар‘ се контролира брзината на возилата на автопатот Тетово-Гостивар. (Фото:СДК.МК)

    Автопат Тетово-Гостивар, 21 часот и 30 минути, сообраќаната патрола на Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Тетово, поставена кај клучката за Камењане е во акциска контрола за безбедност во сообраќајот. Со ‘ноќен радар‘ се контролира брзината на возилата на автопатот. На овој патен правец максимално дозволената брзина е 80 километри на час, но не помина долго време, а радарот регистрира возило кое се движеше побрзо.

    „БМВ, црна боја, тетовски сообраќајни таблички, брзина 152 километи на час“, јавува преку радио врска командирот на Полициската станица за безбедност во сообраќајот во Тетово Зоранчо Талев кој вечерта управува со ноќниот радар, а бара патролата да го следи возилото. Патролата е неколку километри подолу од патот, веднаш до наплатната рампа.

    „На екранот на радарот се бележи брзината на возилото, датумот, часот, регистарските таблички. Тие податоци остануваат во меморијата на радарот и се доказ за сторениот прекршок. Таканаречениот ‘ноќен радар‘ од оваа година е дел од нашата опрема. Голем дел од возачите, не го знаат тоа па мислат дека навечер можат да возат со голема брзина и при тоа да бидат казнети. Од досегашната негова употреба можеме да кажеме дека навечер побрзо се вози низ градските улици, но се забележуваат и многу случаи кога со голема брзина се вози и на автопатиштата“ вели Талев.

    Набрзо радарот регистрира уште неколку возила кои се движеа со брзина поголема од 130 километри на час. Тие беа регистрирани од радарот и им беше врачен соодветен поднесок од дежурната патрола. По ова, патролата се упати кон излезот на градот. Овој дел сé уште се смета за градска улица бидејќи тука се движат и пешаци. Иако е градска улица и овде брзо се вози. Радарот регистрира неколку возила кои се движеа со брзина од 93 до 114 километри на час.

    „Ова е градско подрачје и овде брзината е ограничена на 50 километри на час. За тие што возат со брзина до 80 километри казната е 45 евра во денарска противвредност, односно 20 ако таа се плати во рок од 8 дена и не им се одзема возачката дозвола. За оние возачи кои возат со 50 и 70 километри на час над дозволената брзина и на отворен пат и во град, добиваат парична казна од 300 евра во денарска противвредност, која ако се плати во рок од осум денови се намалува за половина, а добиваат и санкција – времено одземање возачката дозвола во период од 3-12 месеци. А ако во тој период повторно направат ваков прекршок, тогаш ја губи возачката категорија и ќе мора повторно да полага возачки испит“, појаснува командирот Талев.

    Во синоќешната акциска контрола на СВР Тетов биле регистрирани 19 пречекорувања на брзината. Во последните неколку контроли вкупно се откриени и санкционирани 400 пречекорувања на брзината на движење од кои над 150 се на тетовското подрачје, а останатите се на гостиварското подрачје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира