ВО ЗООЛОШКА САМО СО МАСКИ, ПРИВАТНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ГИ ПРЕДУПРЕДУВА ПОСЕТИТЕЛИТЕ

    ВО ЗООЛОШКА САМО СО МАСКИ, ПРИВАТНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ГИ ПРЕДУПРЕДУВА ПОСЕТИТЕЛИТЕДиректорот на Зоолошката Ѓорѓи Галетановски вели дека се одлучиле на овој чекор бидејќи голем број граѓани откако ќе влезат во градината ги вадат маските и не одржуваат растојание.(Фото: СДК.МК)

    Приватна агенција за обезбедување волонтерски ќе помага во Зоолошката градина во Скопје да се почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19. Од овој викенд лиценцирани лица вработени во агенцијата, ги опоменуваат посетителите кои фрлаат храна кај животните, како и оние кои не носат маска при прошетката и не држат растојание од другите посетители.

    Директорот на Зоолошката Ѓорѓи Галетановски вели дека се одлучиле на овој чекор бидејќи голем број граѓани откако ќе влезат во градината ги вадат маските и не одржуваат растојание.

    „Секој ден имаме нови рекордни бројки на заразени со ковид-19. Бидејќи сите посетители не се придржуваат на препораките и кодексот за однесување при посета на Зоолошката, се одлучивме низ градината да патролира приватно обезбедување. Ако и ваквата мерка не помогне, ќе ја затвориме Зоолошката. Јас како директор нема да дозволам ниедно дете, родител или вработен да биде заразен во Зоолошката градина“, вели директорот Галетановски.

    Од пред неколку дена нов жител на Зоолошката градина е белата лавица Соња, која од Будимпешта стигна во Скопје заедно со најмалата раса мајмуни мармазети. Досега требаше да пристигнат и пингвините од Италија, но поради пандемијата со ковид-19, транспортот е одложен.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира