ВОДОВОД ТРОШЕЛ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНО ДА ГИ НАГРАДИ ВРАБОТЕНИТЕ КОИ ДОАЃАЛЕ НАВРЕМЕ НА РАБОТА

    ВОДОВОД ТРОШЕЛ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНО ДА ГИ НАГРАДИ ВРАБОТЕНИТЕ КОИ ДОАЃАЛЕ НАВРЕМЕ НА РАБОТАИзградбата на барокната зграда на ЈП „Водовод и канализација“ чинеше 10 милиони евра. (Фото:О. Теофиловски)

    Околу половина милион евра годишно директорите на ЈП „Водовод и канализација“ делеле на вработените оти навреме во 7.30 часот доаѓале на работа.

    Директорот на „Водовод“ Душко Весковски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека награда на плата од 10 отсто за стимулирање на вработените кои навреме доаѓале на работа се делеле со години.

    „Во претпријатието има вработено 1.200 луѓе. Од буџетот на претпријатието како награди по овој основ се одлевале 27 милиони денари. Тоа е една третина од парите кои се потребни за одржување на пречистителните станици кои ги преземавме“, вели Весковски.

    Директорот Весковски вели дека ќе ја ревидира оваа одлука односно дека веќе нема да се даваат награди за навремено доаѓање на работа. Тоа ќе биде еден од начините на домаќинско работење на претпријатието, со што ќе се обезбедат дел од потребните средства за одржување на двете пречистителни станици.

    За одржување на двете пречистителни станици на реките Вардар и Лепенец, годишно се потребни околу 100 милиони денари. Овие средства требаше да се обезбедат преку новата давачка која требаше да се воведе во сметките за вода и која требаше да ги чини скопјани по 2 денари за кубен метар потрошена вода. Но, градоначалникот Петре Шилегов одлучи да не ја почитува одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и рече дека скопјани додека е тој градоначалник нема да плаќаат поскапи сметки а парите за пречистителни станици ќе се обезбедат од домаќинско работење на претпријатието „Водовод и канализација“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира