ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП НЕМА ДА ВОЗАТ, СКОПЈЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОТИ УШТЕ НЕМААТ ЗЕМЕНО ПЛАТА

    ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП НЕМА ДА ВОЗАТ, СКОПЈЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОТИ УШТЕ НЕМААТ ЗЕМЕНО ПЛАТАВработените во ЈСП „Скопје“ уште немаат земено плата за месец септември, и велат дека ова не е прв пат да се доцни со исплатите.(Фото: СДК.МК)

    Возачите и сервисерите на автобуси од ЈСП „Скопје“ најавија дека Скопје во наредните денови може да остане без јавен превоз доколку не им биде исплатена плата. Велат дека уште немаат земено плата за месец септември, и дека ова не е прв пат да се доцни со исплатите.

    Ние секојдневно навремено ги извршуваме обврските, но гладни не можеме да возиме или да ги сервисираме возилата. Состојбата е лоша, немаме земено плата, а знаеме дека не чекаат и тешки зимски месеци и затоа на овој начин кажуваме дека бараме навремено да ни исплаќаат плати не само сега туку да се обезбедат пари и за наредните месеци. ЈСП нема пари, зависиме од Град Скопје. Ако Градот не најде пари за нас ние нема да возиме и Скопје ќе остане без јавен превоз. Ќе нема ниту кој да ги поправа возилата на Пожарна оти од пред некој месец и тоа е наша обврска“, вели Миќо Стојановски претседател на синдикалната организација на ССМ при ЈСП „Скопје“.

    ЈСП „Скопје“ е во тешка финансиска состојба со години. Главните изборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска во изборната кампања беа токму за јавниот превоз во градот, односно воведување на бесплатен превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси. Засега нема абер од реализација на овие ветувања. Арсовска пред еден месец кажа дека бесплатниот превоз го ветила кога немало економска и енергетска криза каква што има сега и затоа сега тоа ветување не може да се реализира.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира