ВРАБОТЕНИ ВО „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ГИ ЧУВААТ НОВИТЕ КОНТЕЈНЕРИ НИЗ СКОПЈЕ

    ВРАБОТЕНИ ВО „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ГИ ЧУВААТ НОВИТЕ КОНТЕЈНЕРИ НИЗ СКОПЈЕОсвен што ги чуваат контејнерите од уништување, вработените ги информираат граѓаните за начинот на кој треба да го фрлаат ѓубрето, бидејќи контејнери се опремени со механизам за автоматско затворање на капакот, педала за ножно отворање и рачка за отворање. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ ги чуваат новите контејнери кои минатата недела беа поставени низ Скопје. Тие се распоредени на сите локациите каде се поставени контејнерите за да ги чуваат од уништување. Исто така, ги информираат граѓаните за начинот на кој треба да го фрлаат ѓубрето, бидејќи контејнерите се опремени со механизам за автоматско затворање на капакот, педала за ножно отворање и рачка за отворање.

    Уништена корпа за џебен отпад вдолж пешачката патека на Партизанска во Карпош 4 која беше поставена пред неколку месеци од Општина Карпош. (Фото: СДК.МК)

    „Граѓаните се навикнати со рака да го отвораат капакот на контејнерите и сега ние им кажуваме дека од страна има рачка, а во долниот дел педала за ножно отворање. Капакот потоа сам, автоматски се затвора“, ни рече вработен во „Комунална хигиена“ кој ги чува контејнерите на улица Рузвелтова.

    Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека веднаш по поставувањето на контејнерите на сите локации распоредени се вработени кои ги едуцираат граѓаните.

    „Нашите вработени немаат надлежност да казнуваат, но ги предупредуваат граѓаните доколку некој од нив се обиде да ги оштети новите садови за отпад. Досега немаме ниту еден инцидент, граѓаните соодветно го одлагаат ѓубрето“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.

    Град Скопје на 1 октомври ги промовираше новите 540 контејнери, 4 камиони за собирање на ѓубре и 950 корпи за џебен отпад. Контејнери се со 3 пати поголем капацитет од досегашните односно собираат 3.200 литри ѓубре со кои ќе бидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери. Набавени се и 30 контејнери за селектирање на отпад од 2.200 литри. Со оглед на тоа, што станува збор за сосема нов систем, набавени се и 4 нови комунални возила кои ќе го собираат ѓубрето од новите контејнери. Возила се опремени со технолошки најсовремен систем за странично собирање на отпадот и со нив празнењето на контејнерите го врши шоферот од самото возило, а тоа значително ќе го забрза но и поевтини процесот на собирање комунален отпад.

    Град Скопје набави и нови 22 машини за чистење на јавните површини. Набавката на новата опрема чини 1,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари