ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУМАНОВСКИТЕ ГРАДИНКИ УШТЕ НЕ ЈА ДОБИЛЕ ЈУНСКАТА ПЛАТА, ОД ПОНЕДЕЛНИК НА ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУМАНОВСКИТЕ ГРАДИНКИ УШТЕ НЕ ЈА ДОБИЛЕ ЈУНСКАТА ПЛАТА, ОД ПОНЕДЕЛНИК НА ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТЗошто нема плата за вработените во кумановската градинка, кога плата добиле сите останати градинки во државата, никој не кажува. (Фото: СДК.МК)

    Поради неисплатена јунска плата, вработените во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово од понеделник ќе започнат предупредувачки протест. Одлуката била донесена синоќа, на состанок на кој присуствувал и претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделковски.

    „Протестот в понеделник ќе биде пред управната зграда на градинката ‘Ангел Шајче’, вториот ден ќе одиме пред Општина Куманово, а в среда на некоја од раскрсниците во градот. Протестот ќе трае од 12.30 до 13 часот. Во тој период децата спијат и со нив ќе останат негувателките, додека останатите вработени ќе се вратат до 13.30 часот, кога децата стануваат. Со тоа нема да трпи згрижувањето на децата“, велат вработени во градинката.

    Зошто нема плата за вработените во кумановската градинка, кога плата добиле сите останати градинки во државата, никој не кажува. Недостапни за медиумите се надлежните во Општина Куманово и раководството на градинката.

    Неофицијално, проблемот е на релација Министерството за финансии и Општина Куманово, поради исплата на плата за 7 итни и неодложни вработувања во градинката за кои согласност дала Општина Куманово, а досега ги плаќалo Министерството. Со смена на власта им било кажано дека парите за нивните плати треба да ги обезбеди Општината, која, пак, барала тоа да остане како и досега обврска на Министерството. Во меѓувреме, на нововработените не им е продолжен договорот од 3 месеци и тие останале без работа.

    Во Градинката „Ангел Шајче“ има 240 вработени, ако денеска не биде исплатена платата воспитувачките, негувателките, помошно- техничкиот персонал и администрацијата, од понеделник ќе останат и без здравствено осигурување. Тие ги повикаа родителите на поддршка и разбирање, а надлежните институции да најдат брзо решение на проблемот, бидејќи е загрозена егзистенцијата на нивните семејства.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира