Вработените во Општина Карпош денеска побараа од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да го изгласаат буџетот за 2024 година оти ќе останат без плати. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе 4.000 амандмани на буџетот за 2024 година со што е блокирано неговото донесување. Блокадата е, како што рекоа во декември, за да не може градоначалникот Стевче Јакимовски да носи „криминални Детални убанистички планови (ДУП) кои ќе изродат нови бетонски чудовишта во Карпош“.
Вработените на прес-конференција пред општинските бараки рекоа дека поради несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, граѓаните не ќе може да ги добијат потребните услуги од Општината.
„Нема да може да се одржува хигиената на јавните површини, да се одржува урбаната опрема и детските игралишта, доведени се во прашање и одржувањето на уличното осветлување, сервисните општински улици и инфраструктура, односно водоводот, атмосферската и фекалната канализација. Ако заврне нема да може да се чисти снегот. Исто така, тие со нивното незаконско работење ги доведоа во прашање платите на вработените во Општината, градинките и училиштата. Ги доведоа во прашање и договорите на привремено вработените во Општината, училиштата и градинките. Тие го загрозија и правото на децата на предучилишно згрижување и воспитување, како и правото на децата жители на општината на основно образование. Со нивното несовесно и противзаконско работење, тие го доведоа во прашање фукционирањето на Општина Карпош во секоја смисла на зборот“, рекоа вработените во Општина Карпош.
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште на почетокот на декември најавија дека ќе го блокираат носењето на буџетот со 4.000 амандмани.
„Поднесуваме 4.000 амандмани со кои времено ќе биде спречено носењето на буџетот на Општина Карпош, но и спречено носењето на ДУП-овите за Алумина, Влае, Млечен и серија други ДУП-ови кои стојат на брзата трака за реализација до февруари. Овие налудничави обиди мора да бидат спречени. И затоа, времено ќе го блокираме носењето на буџетот кој мора да биде креиран за потребите на граѓаните на Карпош. Имајќи ги предвид проекциите за приходите од комуналии во буџетот, надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 190 милиони денари, јасно е дека Општината има цврста намера да ги донесе и реализира овие ДУП-ови“, рече на 12 декември координаторот на советничклата група на ВМРО-ДПМНЕ Роберт Вељановски.
А. АНТЕВСКА