ЗА ДВА ДЕНА 29 ТЕТОВЦИ СКРШИЛЕ РАКА ИЛИ НОГА ОД ЛИЗГАЊЕ НА МРАЗ

    ЗА ДВА ДЕНА 29 ТЕТОВЦИ СКРШИЛЕ РАКА ИЛИ НОГА ОД ЛИЗГАЊЕ НА МРАЗПовредените се од сите возрасни категории, од деца до возрасни, велат од Одделението за ортопедија при Клиничката болница во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    По снегот што падна во саботата и студениот бран што го зафати Тетово вчера, замрзнаа тетовските улици и тротоари и за 24 часа, на 22 жители им била укажана медицинска помош поради скршеници на нозете или рацете на Ортопедското одделение од Клиничката болница.

    „Има зголемување на бројот на повредени лица поради зимските услови. Во неделата, за 24 часа бележиме 22 скршеници, додека денес од 8 до 12 часот имаме евидентирано седум лица со фрактури на екстремитетите. Повредите пред сè се на подлактницата кај рацете или на потколеницата кај нозете. Повредените се од сите возрасни категории, од деца до возрасни“, вели д-р Ертан Рустеми, шеф на Одделението за ортопедија при Клиничката болница во Тетово.

    Од Општина Тетово деновиве соопштија дека редовно ги чистат улиците и тротоарите од снегот кој падна во саботата, а проодни ги одржуваат и регионалните патишта.

    „Исчистени се пешачките премини и тротоарите долж булеварот Илирија, а оваа активност ќе продолжи и на другите улици и булевари, за да се овозможи слободно и непречено движење“, соопшти Општина Тетово.

    Покрај на Општината, чистењето на снегот и мразот е обврска и на сопствениците на трговските објекти и жителите на станбените единици, кои треба да го исчистат просторот пред нивните дуќани или влезови во куќите или зградите, но ретко кој презема некаква активност за чистење на снегот и мразот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира