ЗА ЕДЕН КАТ ЗГОЛЕМЕНА КАТНОСТА НА ДЕЛ ОД КУЌИТЕ ВО ТАСИНО ЧЕШМИЧЕ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО УСВОИ ПЕТТИОТ ДУП ПО ВОВЕДУВАЊЕ НА МОРАТОРИУМОТ

    ЗА ЕДЕН КАТ ЗГОЛЕМЕНА КАТНОСТА НА ДЕЛ ОД КУЌИТЕ ВО ТАСИНО ЧЕШМИЧЕ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО УСВОИ ПЕТТИОТ ДУП ПО ВОВЕДУВАЊЕ НА МОРАТОРИУМОТОнаму каде има зголемување за еден кат, намалена е површината за градење.(Фото: К. Попов)

    Плус еден кат добија дел од куќите со усвојување на Деталниот урбанистички план (ДУП) „Градска четврт Ј 06 дел од локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2“, кој вчера беше изгласан на седница на Советот на Општина Центар. Со тоа наместо приземје, еден кат и поткровје, сега во овој дел на градот ќе можат да се градат куќи на два ката плус поткровје.

    Со зголемување на катноста, како што образложи планерката Лидија Андреевска од планерската куќа „Тајфа план“, се опфатени објектите на главните улици, а оние кои се повнатре им останува катноста еден кат плус поткровје.

    „Последниот план за Тасино Чешмиче 1 е донесен во 2011 година пред донесување на Генералниот урбанистички план, а за Тасино Чешмиче 2 уште во 2003 година. Во делот на Тасино Чешмиче 1 со планот од 2011 година е предвидена катност од приземје, два ката и поткровје. Додека Тасино Чешмиче 2 била заборавена населба и затоа тука имаме зголемување на катноста. На јавната анкета од 150 анкетни листови, дури во 140 имеше барање за зголемување на катноста. Онаму каде зголемивме катност за семејно домување од еден кат, ја намаливме површината за градење. Откако го изработивме ДУП-от побаравме за него и мислење од ИЗИИС од каде позитивно се изјаснија за планот“, рече планерката Андреевска.

    Таа кажа дека при носењето на планот се соочиле со куќи кои имаа изградено три ката плус поткровје без градежна дозвола и преку Законот за легализација на дивоградби ги легализирале објектите.

    „Исто така било дозволено легализација на објекти кои се во туѓи приватни парцели“, додаде Андреевска.

    Претседателката на Советот Јана Белчева им забалежа на советниците на СДСМ дека во претходниот мандат на комисиска расправа за овој план биле против зголемување на катноста, а сега дозволуваат еден кат повеќе.

    Од Секторот за урбанизам на Општина Центар рекоа дека граѓаните пред да почнат да градат, односно за да добијат градежна дозвола, ќе треба во основниот проект да имаат и геомеханичко истражување и проект за статиката на објектот.

    „Со овој план ја намаливме површината за градба за 1 хектар, што воопшто не е малку“, рекоа урбанистите од Општина Центар.

    Овој е петти план кој Општина Центар го носи откако беше воведен мораториумот за градба.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира