ЗА КУРБАН БАЈРАМ НЕМА КОЈ ДА ГИ ЗАКОЛЕ КРАВИТЕ И БИКОВИТЕ ОТИ НЕМА МЕСАРИ

    ЗА КУРБАН БАЈРАМ НЕМА КОЈ ДА ГИ ЗАКОЛЕ КРАВИТЕ И БИКОВИТЕ ОТИ НЕМА МЕСАРИСекоја година во пресрет на големиот муслимански празник Курбан бајрам, на импровизираниот сточен пазар на местото каде до неодамна беше дивата депонија во Тетово се одржува најголемиот сточен пазар. (Фото: СДК.МК)

    Под жешкото летно сонца, на температира од близу 40 степени Целзиусови, десетици сточари од сите краеви на Тетовско продаваат овци, кози, крави и бикови. На импровизираниот сточен пазар на местото каде до неодамна беше дивата депонија во Тетово, се одржува најголемиот сточен пазар кој се организира секоја година во пресрет на муслиманскиот празник Курбан бајрам. Продавачи и купувачи има, но и едните и другите се жалат на цените.

    На сточниот пазар освен овци и кози се продаваат и крави и бикови, овие курбани ги купуваат оние побогатите, кои така сакаат и да ја прикажат својата моќ и богатство. (Фото: СДК.МК)

    „Верувај ми исто е како и лани, како и преклани и неколку години наназад за ред, овците ги продавам по 100-120 евра, овните над 150, а за овој капиталец барам 250 евра“, вели Бајрам од тетовското село Џермо, покажувајќи на големиот овен со прекрасни рогови. „Ама што вреди, нема народот пари, скапо им е, а од година во година и сè помалку народ доаѓа да купува, сите заминаа во странство“.

    Големиот овен на Бајрам го мерка и за него се ценка Фадиљ од Тетово. Го убедува да ја спушти малку цената, но Бајрам е непопустлив.

    „Јас сум невработен, а пари за да купам курбан ми прати брат ми од Германија бидејќи тој годинава не може да дојде. Не сакам да купам овца, да не се налути брат ми, ама 250 евра за овој овен, тоа ми е многу скапо. Ако не се исценкам ќе барам на друго место“, вели Фадиљ.

    Најмногу за курбан се купуваат овците, тие и најмногу ги има на сточниот пазар. Енис од Палчиште одеднаш купува 4 овци и ги товари во својот џип.

    „Големо семејство сме, многу роднини и пријатели, па затоа купив 4 овци. Цената е иста како и лани 120 евра за една овца“, зборува Енис додека се товарат овците.

    Овците се продаваат по 100-120 евра, овните над 150 евра. (Фото: СДК.МК)

    На сточниот пазар освен овци и кози се продаваат и крави и бикови. Овие курбани ги купуваат оние побогатите, кои така сакаат и да ја прикажат својата моќ и богатство. Џемил од Речица продава две крави, едната поголема, другата е нешто помала.

    „Цената за кравите се движи од 800 евра па нагоре. Може и за 600, еве оваа помалава. А биковите, тие знаат да достигнат цена од 2.500 па и до 3.000 евра. Нив најмногу ги купуваат гастербајтерите кои доаѓаат дома за летниот одмор. Овдешен човек нема толку пари, нему и една овца од 100 евра му е скапа. Јас на фармата во село продадов 15 крави, а овие две еве се надевам дека овде ќе ги продадам. Проблемот со кравите и биковите е тој што нема кој да ги заколе, нема месари и затоа и народот послабо ги купува“, раскажува Џемил.

    Пред неколку години, купените животни веднаш се колеа на пазарот кој тогаш беше кај стариот градски стадион. Тоа пак создаваше неподнослива смрдеа и претставуваше голема опсност од избивање на заразни болести. Пред две две години, Општината го затвори импровизираниот пазар кај стариот градски стадион и ја определи локацијата каде порано се наоѓаше дивата депонија, која сега е дислоцирана, а воедно забрани да се колат на местото каде се продаваат животните и таа одлука засега се почитува.

    Жештината на пазарот станува речиси неподнослива, тешко им е на луѓето но уште потешко на животните кои тука се продаваат, но Курбан бајрам е голем празник и адетот мора да се запази.  Според муслиманските обичаи, во чест на овој празник секое семејство мора да купи и да заколе овца, овен, коза, крава или бик. Месото од закланото животно, односно курбанот, се дели на три дела, дел се дава на блиските роднини и пријатели, дела на сиромашните, а еден дел останува во семејството.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари