ЗА ПРИМАЊЕ МИТО ОД 150 ЕВРА УАПСЕН ХИРУРГ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР

    ЗА ПРИМАЊЕ МИТО ОД 150 ЕВРА УАПСЕН ХИРУРГ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОРОсновното јавно обвинителство Битола соопшти дека поведе постапка против хирургот и побара притвор. (Фото: СДК.МК)

    Битолската полиција вчера, на 28 јануари околу 17 часот часот во просториите на Клиничка болница во Битола, го уапсила М. С. (64), долгогодишен лекар хирург  во Хируршко одделение во болницата. Основното јавно обвинителство Битола соопшти дека поведе постапка против хирургот и побара притвор.

    „Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор-хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ во Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите“, вели Обвинителството.

    М. С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.

    Oд Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола соопштија дека СВР Битола ги запозна со случајот и ги охрабруваат истражните органи да постапат транспарентно и законито.

    „Како Клиничка болница се оградуваме од постапката на посочениот доктор. Категорично сме против и силно ја осудуваме секоја намера на здравствен работник да оштети пациент на кој било начин и во која било форма. Во овој случај, итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција во Болницата, а во консултација со Министерството за здравство и постапка за суспензија додека трае процесот на истражните органи, секако според важечките законски прописи“, соопшти Битолската болница.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира