ЗАТВОРАЊЕТО НА ВЛЕЗОТ ВО ОХРИД ЗНАЧИ КРАХ НА ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР, ОПШТИНАТА БАРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ ДА ЈА ПРЕИСПИТА ОДЛУКАТА

    ЗАТВОРАЊЕТО НА ВЛЕЗОТ ВО ОХРИД ЗНАЧИ КРАХ НА ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР, ОПШТИНАТА БАРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ ДА ЈА ПРЕИСПИТА ОДЛУКАТАОпштината и туристичките работници бараат да се одложат градежните работи за септември. (Фото: СДК.МК)

    Новото сообраќајно решение на влезот од Охрид, за пренасочување на сообраќајот по стариот пат за Струга поради извршување на градежни работи на автопатот во изградба, ќе направи огромни штети врз туризмот, сметаат Општината и туристичките работници кои денеска седнаа на маса револтирани што на почеток од сезоната влезот на градот е затворен. Заклучоците од средбата ќе бидат испратени до Министерството за транспорт и врски со барање да се одложат градежните работи за септември оти, како што наведуваат, не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, па градежните активности може да се насочат на друга точка.

    „Во очи на почеток на летната туристичка сезона да се затвори главниот приод кон Охрид е погубна одлука, бидејќи со тоа значајно ќе се намали бројот на гости кои што ќе престојуваат во Охрид, имајќи предвид дека тој пат води и до Охридскиот аеродром. Со ваквата одлука, голем број на семејства чија главна егзистенција е туризмот ќе останат без приходи. Тука, исто така, се создава проблем и кај хотелиерите, бидејќи постои веројатност веќе закажаните резервации да ги откажат и тие да останат без приход. Имајќи предвид дека изминатите неколку години беа тешки години за туризмот и турстичките работници, ова би значело крах на туристичкиот сектор во Охрид, а воедно и во Македонија“, стои во дел од дописот.

    Пред три дена, на оваа делница се постави сообраќајна сигнализација со блокади со што пристапот до градот се одвива отежнато поради големата фреквенција, што создава проблем и за возилата за специјална намена и брза помош, полиција и противпожарни возила.

    „Знаејќи дека токму на тој пат е лоцирана Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија ‘Св. Еразмо’ која што е регионална, понатка создава проблем кај родителите кои своите деца мора да ги носат за терапија или итни прегледи на Детското одделение во Општата болница во Струга. Исто така се создава проблем и за ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид, каде за успешно лекување на пациентите потребна е брза реакција“ се наведува во барањето.

    Според градоначалникот Кирил Пецаков, со прекинувањето на оваа артерија за влез во Охрид не се прекинува само делот Подмоље – Охрид туку многу побитни две булеварски решенија кои веќе постојат, булевар Железничка и решението до центарот на Охрид Туристичка кои тешко ќе можат сообраќајно да се регулираат.

    „Тука најзасегната е СВР. Нашата работа е уште еднаш сите заеднички со ова барање со потпис на сите присутни, со исклучок на СВР Охрид, дека ќе се даде една поинаква димензија и да не речам, ќе се вразумат“, рече Пецаков.

    Затворањето на магистралата од Охрид до Подмоље во рок од 45 дена, колку што најавија од Министерството за транспорт и врски, за туристичките работници е неприфатливо. Тие велат дека ова е една од многуте опструкции кои се прават со вака непромислени потези долги години. Посебно реагираат што стариот пат, каде сега се движат колони возила, нема капацитет за да се реализира едно вакво решение.

    „Со сегашнава бројка на гости кои доаѓаат по овој патен правец од Скопје накај Охрид се соочуваме со проблеми. Оваа нова ситуација ни дава поголеми потешкотии како оперативни, така и во поглед на задоволување на гостите. За жал, многу трошиме за да ги донесеме и на крај не можеме да ги задоволиме нивните потреби. Апсолутно одговараме и за безбедноста на туристите и се надевам дека ќе најдеме некое ново решение за овој проблем. Реакциите се оправдани, суетите на политичарите да стивнат и малку да го гледаа интересот на граѓаните“ вели туристичкиот работник Олег Маленко.

    Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсте Блажески вели дека биле изненадени од одлуката, но се надеваат на слух од надлежните за изнаоѓање брзо решение.

    „Мораме да ја ослободиме оваа делница и да имаме непречен сообраќај во однос на влезот на Охрид во однос на туристите и сите кои ја користат таа делница. Ќе имаме реакции од сите хотелиери, од агенциите кои носат патници, а и од самите гости кои доаѓаат. Досега имавме некои три часа Скопје-Охрид движење, а со оглед на ова што сега ни се случува се зголемува тој временски период и се отежнува самиот сообраќај“, смета Блажески.

    За Министерството за транспорт нејасни се реакциите за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид.

    „Поддршката од централната власт кон Општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на Општината се лицемерни и неприфатливи, посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект“, стои во реакцијата на Министерството.

    Автопатот Охрид-Кичево се гради од 2014, но поради бројни неправилности и нерешени имотно-правни односи и ден-денес не е завршен.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира