ЗАТВОРЕНИЦИ И СОЦИЈАЛЦИ ЌЕ ГО ЧИСТАТ КУМАНОВО

    ЗАТВОРЕНИЦИ И СОЦИЈАЛЦИ ЌЕ ГО ЧИСТАТ КУМАНОВОМинатата недела работници од ЈП „Чистота и зеленило“ започнаа со чистење на Стариот градски парк во близина на Автобуската станица во Куманово, кој со години е целосно запуштен и руиниран. Новиот в.д. директор Даниел Стојчевски најавува дека во уредувањето на паркот, покрај вработените ќе се вклучат и затворениците и социјалците, кои ќе ги ангажира претпријатието (Фото: СДК.МК)

    Осудени лица од Казнено-поправната установа во Куманово – затвор „К’шање“ и корисници на социјална помош ќе го чистат Куманово во наредните неколку месеци. Од ЈП „Чистота и зеленило“, планираат да ангажираат педесетина лица, кои ќе работат на уредување на градските паркови и јавни површини во Општината.

    Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Даниел Стојчевски, вели дека oсудените лица ќе бидат ангажирани за два месеци, а социјалците на еден месец.

    „Со затворот К’шање во преговори сме да го продолжиме договорот за општокорисна работа, а започнавме процедура и за ангажирање на работници кои се корисници на социјална помош. Од институцијата наредната недела треба да ни пратат одреден број на работници. Ние имаме определено средства и тие работници ќе бидат дополнително стимулирани за својата работа“, вели Стојчевски.

    До пред неколку дена, десетина затвореници од затворот К’шање четири месеци работеле на уредување на Градските гробишта во Куманово. Извршувајќи општокорисна работа по 8 часа дневно, од понеделник до петок го одржувале зеленилото, саделе цвеќиња, ги кроеле дрвјата, ги уредувале патеките, изнесувале ѓубре и бетонирале гробови.

    „Општокорисна работа извршуваат лицата кои имаат отворен третман во затворот и се сторители на полесни кривични дела. На работа излегуваат во 8.30 часот, а се враќаат пред 16.30 часот. Со нив обавезно оди инструктор од затворот кој се грижи за нив. Од затворот носат храна и пијалаци, така што претпријатието нема никаква обврска кон нив“, вели директорот на затворот К’шање Марјан Спасовски.

    По завршувањето на договорот, Спасовски вели дека тие се расположени да ја продолжат соработката со јавното претпријатие и во наредниот период, иако како институција немаат никаква материјална корист од ангажирањето на затворениците. Тој додава дека меѓу осудените има многу одговорни луѓе, кои квалитетно ги извршуваат работните обврски. Алтренативната казна преку општокорисната работа на осудените лица им носи одредени привилегии и право на користење на слободни денови.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира