ЖИТЕЛИТЕ НА АЕРОДРОМ ПОБАРАА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА СОВЕТНИЦИТЕ КОИ ДОДЕКА ВМРО-ДПМНЕ БЕШЕ НА ВЛАСТ ГО ИЗГЛАСАА ДУП-ОТ ШТО ДОЗВОЛИ 9-КАТНИЦА КАЈ МАЈЧИН ДОМ

    ЖИТЕЛИТЕ НА АЕРОДРОМ ПОБАРАА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА СОВЕТНИЦИТЕ КОИ ДОДЕКА ВМРО-ДПМНЕ БЕШЕ НА ВЛАСТ ГО ИЗГЛАСАА ДУП-ОТ ШТО ДОЗВОЛИ 9-КАТНИЦА КАЈ МАЈЧИН ДОМСедницата на Советот на Аеродром почна со партиски препукувања меѓу советниците на ВМРО-ДМПНЕ, кои во претходниот состав го изгласаа спорниот план, и градоначалникот Златко Марин. Советниците на ВМРО-ДМПНЕ му велеа дека на таа локација не треба да има зграда туку зеленило (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Општина Аеродром денеска побараа од градоначалникот Златко Марин не само да ја стопира изградбата на 9-катницата каj Мајчин дом туку да се поведе и кривична одговорност за лицата кои учествувале во носењето на тој Детален урбанистички план (ДУП) со кој се овозможи градење на оваа парцела. На вонредната седница на Советот, која беше закажана со една точка на дневен ред – разгледување на состојбата со зградата кај Мајчин дом, покрај советниците присуствуваа и триесетина граѓани.

    Седницата почна со партиски препукувања меѓу советниците на ВМРО-ДМПНЕ, кои во претходниот состав го изгласаа спорниот план, и градоначалникот Златко Марин. Советниците на ВМРО-ДМПНЕ му велеа дека на таа локација не треба да има зграда туку зеленило.

    Советот на Општина Аеродром под водство на ВМРО-ДПМНЕ и во мандатот на градоначалникот Ивица Коневски, на 5 април 2017 ненадејно го усвои Деталниот урбанистички план И10, за кој советниците од тогашната опозиција предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи.

    „Погрешната одлука што ја направивме со носењето на тој план ние ја плативме на изборите. Не сакаме таа зграда да ја има, сакаме зеленило. Немојте да бегате од одговорност, вас ве слушавме како им ветувате на граѓаните дека зграда нема да има“, рече денеска советникот од ВМРО-ДПМНЕ Климент Стоилов.

    Си терате партиски агенди. Треба да се борите за интересите на граѓаните. Велите барате решение со инвеститорот, но треба да има и кривична одговорност, за во иднина секој да размисли како ќе гласа, а не како ќе му каже шефот, рекоа жителите присутни на седницата (Фото: СДК.МК)

    По него и други советници од опозицијата бараа Марин да ја стопира зградата, на што реагираа граѓаните, велејќи им дека не се дојдени да ги слушаат нивните партиски препукувања и дека токму тие од ВМРО-ДПМНЕ ја нацртале маркичката за зградата.

    „Се карате како тетки на пазар. Ништо не слушнавме конкретно ни од едните ни од другите. Си терате партиски агенди. Треба да се борите за интересите на граѓаните. Велите барате решение со инвеститорот, но треба да има и кривична одговорност, за во иднина секој да размисли како ќе гласа, а не како ќе му каже шефот“, рече Валентина Темелковска, жителка на Општина Аеродром.

    Граѓаните прашаа какво решение се бара, дека не прифаќаат финансиски да се обештети инвеститорот оти тоа ќе ја блокира Општината и што ако преговорите со инвеститорот не успеат.

    „Јас сум оптимист, не можам да споделувам детали од преговорите но мислам во наредните 10 дена ќе најдеме решение со Град Скопје и инвеститорот, зграда таму нема да има и сите заедно во паркот ќе прославиме“, рече Марин.

    На 10 октомври Марин кажа издале решение за стопирање на градбата на инвеститорот  „ЗСФ – ком“ врз основа на неправилности на градилиштето кои биле констатирани дента. Забраната трае 15 дена. Општината соопшти дека на сметката за комуналии од инвеститорот им се уплатени 23,464.327 денари или околу 380.000 евра, што е 40 отсто од вкупните комуналии, а остатокот од 60 отсто е платен на Град Скопје.

    Планот се однесува на делот покрај Вардар од Железничка станица до Мајчин дом и предвидува низа нови објекти поради кои се одзема од зеленилото, како и сервисни улици и паркинзи во служба на новите објекти. Најмногу реакции предизвикува тоа што, покрај планираните останати висококатници, со планот на парцелата покрај Мајчин дом на 3.500 квадратни метри е предивидено да се гради 9-катница, а поради паркинг за неа ќе се сече дрворед и ќе се уништува зеленило.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира