ЖИТЕЛИТЕ НА КАРПОШ 4 БАРААТ ЗОНСКО ПОРАДИ СИТИ МОЛ, БОГОЕВ НАЈАВИ РАМПИ

    ЖИТЕЛИТЕ НА КАРПОШ 4 БАРААТ ЗОНСКО ПОРАДИ СИТИ МОЛ, БОГОЕВ НАЈАВИ РАМПИГраѓаните велат дека откако е отворен ТЦ „Сити мол“ секојдневно имаат проблем со паркинг просторот, а градоначалникот Богоев најавува дека ќе постави рампи пред паркинзите на зградите (Фото: Фејсбук)

    Жителите на Карпош 4 бараат од новите градоначалници на Карпош Стефан Богоев и на Град Скопје Петре Шилегов, да воведат зонско паркирање во населбата.

    Граѓаните велат дека откако е отворен трговскиот центар „Сити мол“ секојдневно имаат проблем со паркинг просторот кој е узурпиран од посетителите и вработените во трговскиот.

    „Нарушен ни е нормалниот тек на живеење, хигиената околу зградите, оштетено е зеленилото од возила кои се паркираа кај ќе стигнат. Бараме поставување рампи пред нашите згради, можност за воведување зонско паркирање, засадување на жива ограда која би го спречила понатамошното уништување на зеленилото, како и дислокација на такси станицата на улицата Љубљанска“, стои во писменото барање на заедницата на станари од Карпош 4 до Град Скопје и Општина Карпош.

    Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев вели дека утре ќе има средба со граѓаните на која ќе им предложи мерки за решавање на нивниот проблем.

    „Општината нема јавно претпријатие за паркирање за да воведеме зонско. Јас ќе им предложам да поставиме рампи пред влезовите на паркинзите околу зградите и со тоа нема да можат посетителите на трговскиот да се паркираат. Сметам дека ова е најбрзо и најевтино решени на проблемот. Што се однесува на проблемот со паркираните такси возила, веќе разговаравме со градоначалникот Шилегов на оваа тема и наложено е на ЈП ’Улици и патишта’ да најде решение за дислокација на такси станицата“, вели Богоев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира