ЖИТЕЛИТЕ НА СТАРО КОЊАРЕВО ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СЕЧА НА ШУМАТА НАД СЕЛОТО ШТО ПРАВИ СВЛЕЧИШТА

    ЖИТЕЛИТЕ НА СТАРО КОЊАРЕВО ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СЕЧА НА ШУМАТА НАД СЕЛОТО ШТО ПРАВИ СВЛЕЧИШТАНа протестот дојде и градоначалникот на Општина Ново Село Никола Андонов и рече дека стравот кај жителите на Старо Коњарево е оправдан после огромните штети од свлечиштето во 2004. (Фото: СДК.МК.)

    Исплашени дека целосно ќе им биде соголена шумата над нивното село, жителите од струмичко Старо Коњарево денеска излегоа на протест. Бараат ЈП „Македонски шуми“ да престане со изградба на шумскиот пат за сеча на огревно дрво од планината Беласица. Стравот го оправдуваат бидејќи во селото во 2004 имаше огромни свлечишта од Беласица и беа уништени повеќе куќи, помошни простории и инфраструктура.

    „Само ние си знаеме како ни беше во 2004 година, кога цели ридови се симнаа во селото. Нема да дозволиме да се уништи шумскиот фонд над селото и да се случи ерозија на планината. Со самото пробивање на патот може да дојде до загадување на изворот од каде се снабдуваме со вода за пиење. Со минирањето на патот неколку куќи веќе се оштетени. Бараме итно да прекинат изведбените работи“, рече Ристо Малинов жител од Старо Коњарево.

    На протестот се појави и градоначалникот на Општина Ново Село Никола Андонов. Тој рече дека стравот кај жителите на Старо Коњарево е оправдан после огромните штети во 2004.

    „Како Општина, побаравме од шумските инспектори и кај Шумското стопанство да се прекине со пробивање на патот и да се бара алтернативно решение“, рече градоначалникот Андонов.

    Од Шумското стопанство Беласица од Струмица не успеавме да добиеме одговор, а за протестот во Старо Коњарево дозна  и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски кој ги промовираше мерките од ИПАРД програмата. Тој кажа дека станува збор за пробивање на шумски пат, а одговорни за таа работа се од „Македонски шуми“.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира