Народниот правобранител останува финансиски зависен од Владата, останува без механизми (санкции) кои ќе ги натераат министерствата и органите на државната управа да ги спроведат препораките кај што нашол правобранителот кршење на човековите права и слободи, нему и натаму ќе му бидат врзани рацете да вработува професионален кадар за успешно вршење на функцијата, а Собранието, место негов поддржувач и мотор, ќе остане нем читач на годишните извештаи на Народниот правобранител, рече Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, на денешната прва јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, што се одржа во собраниската Комисија за политички систем.
Мемети смета дека ова предложено решение не обезбедува целосно ефектуирање на Париските принципи за мандатот и независноста на националната институција за човекови права. Не кореспондира со општите препораки согласно листата за итни реформски приоритети за Република Македонија од Европската комисија, во кои е наведено дека треба да се осигура дека Канцеларијата на Омбудсманот е уредена целосно во согласност со Париските принципи. Не обезбедува ни целосно ефектуирање и на Препораките на Рајнхард Прибе за системските прашања за владеење на правото, кои се однесуваат на следењето на комуникациите од јуни минатата година.
Освен финансиска независност и пропишување санкции за функционери и министри кои ќе ги обврзат тие да ги спроведат препораките на Омбудсманот, Мемети од подносителот на законот, Министерството за правда, побара и тргање на статусот државна администрација на стручната служба во Канцеларијата на Народниот правобранител. Немаат никакви допирни точки организацијата и поставеноста, па и обуките на државната администарција, со стручната служба во Канцеларијата на Омбудсманот, рече Мемети.
“Со оглед на работите кои ги извршуваат, не постои ниту една разумна причина вработените во одделот за превенција од тортура да бидат со статус на државни административни службеници. Вработените кај Омбудсманот да не се со статус државни службеници е меѓународен стандард“, додаде тој и побара за неговата стручна служба да се применуваат општите прописи за работните односи, организацијата на националниот превентивен механизам (НПМ) и на тимовите на посебните одделенија да ги уредува Омбудсманот, а согласност да дава Собранието.
Мемети побара за пополнувањето на упразнетите места во канцеларијата да одлучува самостојно, а согласноста за нив да не ја дава министерот за финансии како што е сега, туку Собранието. Тоа новиот предлог-закон не го дозволува.
И по две години молење и барање, Народниот правобранител не успеа да добие согласност да вработи возач. На крајот, Мемети мораше да вработи возач преку проект на УНХЦР. НПМ-от еден период остана без вработен во тимот. Тешко се пополнува со кадар и овој многу важен сектор, кој треба да врши ненајавени посети и контроли на места на лишување од слобода, како и во затворите во Македонија. Вработените возеа сами ноќе и во други градови, што се покажа многу ризично и непрофесионално. Сами се одвезоа во прифатниот центар за азиланти кога изби бунтот на мигрантите, но среќа, беше приквечер кога се случи настанот и блиску, во Гази Баба во Скопје. На барањето дозвола за да вработи возач, ексминистерот за финансии Зоран Ставрески со допис му пиша на Народниот правобранител дека од 2009 година се замрзнува секакво вработување во јавната и државната администрација, а во меѓувреме масовно се вршеа партиски вработувања во сите нејзини делови.
Мемети на денешната прва јавна расправа побара со закон да се осигура и можност Собранието на пленарна седница да расправа за прашања од Извештаите на Омбудсманот, како и можност Собранието да организира надзорни расправи, а по потреба да формира и анкетни и други специјализирани комисии.
Професорот по Уставно право Светомир Шкариќ, пак, рече дека Собранието, како клучен елемент на Народниот правобранител, се однесува како Народниот правобранител да не постои, дека најсреќно ќе биде ако Омбудсманот воопшто не постои, дека не пројавува интерес за состојбите на човековите права и слободи во Македонија.
“Прибе бара Собранието да поттикне формирање анкетни комисии за одредени состојби што ги констатирал Народниот правобранител. Владата и министерствата се најголемите опструктори на НП, тие ништо не спроведуваат. Пратениците имаат основа да покренат постапка за интерпелација врз основа на тој извештај на Народниот правобранител“, посочи професорот Шкариќ каков пристап треба да се има при правењето на законот за Народниот правобранител, место да се пропишуваат казни за министрите и директорите на затворите кои не ги спроведуваат препораките на Омбудсманот. Патем, посочи дека “постојниот Народен правобранител работи во сурово опкружување од државната власт“.
Шкариќ потсети и дека во препораките, Прибе бара Народниот правобранител да го надгледува владеењето на правото, квалитетот и спроведувањето на законите и да ја врати довербата на граѓаните во институциите, па со оглед на тоа, побара коренита промена на статусот Народен правобранител.
Професорот Беким Кадриу, пак, забележа назадување со предлог-законот за Народен правобранител. Додека актуелниот закон вели службените лица се должни да ги почитуваат препораките на Народниот правобранител, новото решение вели дека службените лица имаат обврска да ги испитаат наводите на Народниот правобранител, рече тој.
Пратеничката Роза Топузова – Каревска, пак, праша со кои пари Омбудсманот ќе ја врши професионално својата работа, со четири милиони денари за неколку нови вработувања, само за плати и за некои стоки и услуги, што му ги дало Министерството за финансии? Праша и како ќе врши промоција на човековите права и слободи кога законот воопшто не предвидува буџет за тоа. Таа заклучи дека предлог-законот е само добра желба и намера ставена на хартија.
Заменик-министерката за правда Билјана Бошковска – Бришковски ја поздрави дискусијата, рече дека ова е само почеток на широката дебата, која, според неа, на крајот ќе придонесе за надминување на разликите.
СОБРАНИЕТО СО НОВ ЗАКОН ЌЕ МУ ГИ ВРЗЕ РАЦЕТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
a:2:{s:16:"td_post_template";s:23:"single_template_british";s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)