14 ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОВИД- ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО, СЕ ТРАГА ПО УШТЕ, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    14 ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОВИД- ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО, СЕ ТРАГА ПО УШТЕ, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТОСпоред првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Четиринаесет лица загинаа во пожарот што синоќа го зафати Ковид-центарот во Тетово, соопшти Обвинителството.

    „Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

    Во моментот на пожарот во болницата имало 24 ковид болни.

    До утрово, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница за да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а како што велат од Обвинителството, јавните обвинители заедно со експертите на МВР ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.

    За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовевски, кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб.

    Катастрофалниот пожар избувна вчеравечер во 21 часот. Се раширил со секавична брзина, со големи пламени, сè додека не ја пеплоса целата барака. Изгасен беше околу 21.45 часот. Заменик-командирот на тетовската противпожарна единица Сашо Трајчевски кажа дека загинатите се ваделе уште додека траело гасењето. Министерството за здравство синоќа кажа дека има и многу повредени и дека итно се транспортирани во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира