Одлична претстава, ништо помалку не се ни очекуваше од Иван Поповски, македонскиот режисер со светска кариера, коментираше публиката во Националната опера и балет (НОБ) по синоќешната премиера на операта „Трубадур“. Со операта од Верди во полниот салон на НОБ беа отворени 52. Мајски оперски вечери.
На радост на македонската публика, на вработените во НОБ, Поповски за првпат режираше опера во Скопје, која му е и 11. во богатата кариера, по оперите во Русија, меѓу кои и во Бољшој театарот во Москва.
Поповски вели дека музиката во ова Вердиево дело е генијална и космичка, а синоќа одлично звучеше со Оркестарот на НОБ под диригенство на Енрико Довико од Италија.
Во „Трубадур“ на Поповски видовме игра со светлото како во сликите на старите мајстори. Драматично осветлување на одделни фигури и на групи на темна позадина. Сцените беа изрежирани како секвенци, како фотографии од слики на Рембрант, на Караваџо, со силни асоцијации на популарни масовни композиции. Контрастот на сноповите светлина и длабоката темнина беше присутен во траорните сцени, интерпретирани со силни емоции. Костимите на Марија Пупучевска ја надополнија во целост богатата естетика на претставата, решение на реномираниот сценограф Миодраг Табачки од Србија, како и одличната кореографија на Саша Евтимова.
„Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и на режисерот, да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди е генијална и космичка. Тематски ме инспирира борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното“, вели Поповски.
Басот Владимир Саздовски и сопранот Сања Анастасија од Србија беа солисти кои добија најголеми овации, како и тенорот Зоран Сотиров, сопранот Сандра Митровска и баритонот Марјан Јованоски. Учествуваа и Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски.
Убав гест беше на крајот кога Поповски ја извади буквално и целата екипа од зад сцената, која исто така доби овации.
Репризата е на 11 мај со диригентот Иван Еминовиќ, со Филипе Рохас (Чиле), Ристе Велков, Криста да Силва од Канада, Сања Анастасиа, Владимир Саздовски, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев.
Фестивалскиот оган го запали оперската певица Славица Галиќ-Петровска. Со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на НОБ, Васо Ристов. (Фото: К. Попов)
Б. НЕСТОРОСКА