ЌЕ ГИ ПРОВЕРИМЕ СИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ТРАНСПОРТ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    ЌЕ ГИ ПРОВЕРИМЕ СИТЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ТРАНСПОРТ НА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ„Ќе го слушаме гласот на граѓаните, ако не се задоволни ќе се презезат соодветни мерки“, - министерот Насер Нуредини со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на „Дрисла“ Коста Начевски во посета на депонијата. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Ќе се проверат сите лиценци на фирмите кои транспортираат медицински отпад на депонијата „Дрисла“, најави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Откако вчера градоначалникот Петре Шилегов објави видео снимки и фотографии од несоодветна обработка и транспортирање на медицински отпад во погон на фирмата „Еко клуб“, министерот Нуредини рече дека детално ќе ги проверат сите извештаи за фирмите кои имаат добиено лиценца и им рече на  државните и општинските инспектори да си ја работат својата работа.

    „Да бидам искрен, за ова бев информиран вчера и веднаш беше наложено да се изврши вонреден инспекциски увид. Резултатите се анализираат и во текот на денот ќе имаме информација за резултатите. Дефинитивно треба да се преземат мерки, Град Скопје веќе поднесе пријава до Обвинителство и го охрабруваме да постапи. Детално ќе ги разгледаме сите извештаи кои што инспекторите ги направиле, заедно со оние на Град Скопје. Сите засегнати страни треба да соработуваат за да најдеме решенијата кои ни се потребни за здрава животната средина и да ги постигнеме стандардите“, рече министерот за животна средина Насер Нуредини одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на депонијата „Дрисла“ заедно со градоначалникот Петре Шилегов.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали тој како министер е задоволен од работата на Државниот инспекторат за животна средина со оглед дека инспекторите од таму не откриле никакви неправилности кај „Еко клуб“ туку случајот го откри градскиот испекторат, Нуредини вели не е важно дали тој е задоволен, туку дали од работата на инспекторите се задоволни граѓаните.

    „Ќе го слушаме гласот на граѓаните, ако не се задоволни ќе се презезат соодветни мерки“, рече Нуредини.

    Раководителот на Инспекторатот за животна средина за скопскиот регион Хусни Тачи вели дека тие постојано вршат контроли, но не знаеше да каже во 2019 година колку пати биле извршени контроли во работата на фирмата „Еко клуб“ и на останатите три кои имаат лиценца за транспорт на медицински отпад.

    „Во оваа фирма ние на 19 декември извршивме контрола и не констатираме никакви неправилности“, рече Тачи. На прашањето како е тогаш можно Град Скопје неколку дена претходно да констатира несоодветно третирање на отпадот, Тачи рече „ Прашајте ги нив како влегле таму, тие не се надлежни да влезат во погонот. Дали ги отстраниле неправилностите не знам. Ние кога дојдовме таму немаше отстапувања“, рече инспекторот Тачи.

     А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира